Десетици граѓани од земјава, како и бројни туристи од соседна Србија и Бугарија, го поминаа продолжениот празничен викенд во Грција. Омилената дестинација за летување на регионалните туристи, грчкото приморје, подготвено ги дочека првите посетители, со цени исти како минатата година. Нема покачување на цените во угостителските локали, ниту пак во хотелите, а по повод Велигденските празници, во маркетите беа актуелни големи намалувања на прехранбените производи. Халкидики, Ставрос, Лептокарија, Паралија, како и други туристички места кои се најчестиот избор на македонските посетители, беа полни со гости.
Веќе се отворени и голем број на плажи, каде исто како и минатата година, лежалка со кафе и минерална вода изнесува од 4 евра, па нагоре, во зависност од плажата, безалкохолните пијалоци се од 3,5 до 4 евра, гирото и бургерите се од 3,5 до 4 евра, пиците од шест до 12 евра, во зависност од големината, коктелите и овошните салати од шест евра, па нагоре. Во рестораните пак, обилна порција со пилешко или свинско месо, со богат гарнир изнесува од десет евра нагоре, порциите со телешко месо се од 12 до 17 евра. Морските специјалитети, исто така се со лански цени, од десет евра нагоре за порција. Угостители со кои разговараше ,,Фокус” велат дека се одлучиле да одат со истите цени од минатата година, бидејќи освен што покажуваат грижа за локалното население, истовремено се достапни и за туристите, па локалите постојано им се полни.
-Ако одиш со поголема заработка, ќе имаш помалку гости. Ако одиш со помала заработка, локалот постојано ќе ти биде полн, значи есапот е тој, а нам ни е важно луѓето кои еднаш ни дошле, пак да се вратат овде, да оставиме добар впечаток. Тоа е и целта на туристичките места, да станат омилена дестинација на туристите, а не да дојдат еднаш, да ги здоболи глава од сметката, и повеќе да не се вратат, раскажуваат грчки угостители. За празничните акции во маркетите пак, локалното население вели дека за време на Велигден секое семејство треба да има достоинствена трпеза, и попустите на храната, но и на пијалоците се нешто кое е редовна пракса, посебно за време на верските празници.
И цените на сместувањето не се променети од лани, па ноќевање за двајца во хотел може да се најде по цени од 50 евра, па нагоре. Поевтина варијанта е сместувањето во апартмани, каде цената од лице е од 15 евра за ноќевање, па нагоре. Традиционално, и годинава беа актуелни празничните аранжмани во Грција од страна на домашните туристички агенции. Имаше доста поволни аранжмани, кои ги привлекле граѓаните, а во кои се нудел превоз и сместување во хотели на Халкидики по цени и од 100 евра за две до три ноќевања.
Вики КЛИНЧАРОВА