Голема е веројатноста дека веќе некогаш сте ги искусиле на своја кожа знаците на нечија емотивна недостапност, а да не сте биле свесни за тоа. Можеби сте се заљубиле во класичен тип маж кој има фобија од врзување, поради што сте се чувствувале како да сте со него на нестабилен терен. Или сте налетале на луѓе кои градат ѕидови околу себе и се дистанцираат од другите затоа што биле повредени во минатото, пишува „Живим“. „Во својата суштина, да се биде емотивно недостапен значи да се има тешкотии во изразување на своите чувства, во отвореност кон партнерот или во градење интимност“, објаснува психотерапевтката Саба Харуни Лури, но додава дека тоа што некој се затвора во себе не значи дека не му е грижа за вас. Поверојатно е дека не знае како да покаже колку му е грижа. На крајот на краиштата, некои луѓе се подобри во изразување на своите емоции од други, било поради воспитување или едноставно поради поинаков стил на комуникација.
„Во некои случаи, воздржаноста може да биде потсвесен механизам за одбрана, односно вашиот ум ве штити да не бидете повредени или разочарани според принципот ‘што помалку знам и што помалку другите знаат за мене, толку се помали шансите да бидам повреден’“, вели д-р Лури, додавајќи дека навистина може да биде застрашувачки да се биде интимен со некого и дека за тоа е потребна голема храброст.
Сепак, истакнува таа, вистинските, стабилни врски (оние во кои сте сакани за тоа што сте) се изградени на доверба, отвореност и ранливост. Без тие три елементи, речиси е невозможно да се доживее исполнета блискост и поврзаност. За да почнете да ги рушите тие бариери, прво мора да ја препознаете емотивната недостапност. А д-р Лури открива неколку главни знаци:
Испраќаат збунувачки сигнали
Емотивната нестабилност лесно може да се замени со тоа дека некој едноставно не е заинтересиран за вас, но тоа не е исто. Со други зборови, некој може искрено да сака да биде со вас, а сепак да има проблем да се отвори. Може да биде свесен за своите чувства, но да не знае како да ги сподели. „За да ја препознаете разликата, обрнете внимание на неконзистентно однесување. На пример, можеби личноста брзо одговара на вашите пораки и ве повикува кога ќе каже дека ќе го направи тоа. Но, штом разговорот се префрли на подлабоки теми (како минати врски, ментално здравје или иднината на вашата врска), таа се повлекува, станува некомуникативна и одговара кратко и нејасно. Во тие моменти, многу веројатно станува збор за емотивна дистанцираност“, вели психотерапевтката Марни Фојерман, авторка на книгата „Изигнорирани и залажени со ‘трошки’: престанете да паѓате на недостапни мажи и станете паметни околу здравите врски“ (Ghosted and Breadcrumbed: Stop Falling for Unavailable Men and Get Smart about Healthy Relationships). За разлика од тоа, некој кој едноставно не е заинтересиран нема воопшто да вложува ни во најосновните нешта во врската.
Можеби нема да зборувате со било кого за детски трауми или длабоки несигурности. Но со партнерот? Треба да се чувствувате сигурно да ги споделите тие делови од себе, ако не веднаш, тогаш со текот на времето. Емотивно недостапен партнер често избегнува разговор за своето детство, поранешни неуспешни врски или лични стравови. Наместо тоа, се држи до лесни теми – филмови, спорт, работа – затоа што тие не го прават да се чувствува изложено.
Се повлекуваат дури и кога вие сте ранливи
Начинот на кој личност реагира кога ќе споделите нешто длабоко кажува многу за нејзината емотивна достапност.
„Развивањето интимност бара време. Нормално е на почетокот да постои непријатност. Но, со текот на времето треба да се појават здрави знаци на поддршка, како активно слушање. Можеби ќе добиете емпатичен одговор, како ‘Ми значи што ми го кажа ова. Те разбирам, бидејќи…’. Но, ако партнерот веднаш ја менува темата кога работите стануваат посериозни – тоа е знак на емотивна недостапност“, објаснува д-р Лури. Таквите личности може да се пошегуваат или флертуваат за да ја сменат атмосферата, а ако инсистирате на отворен разговор, може дури и да се одбранат со изјави како „Зошто ми го кажуваш ова?“ или „Тоа е твој проблем, не мој“.
Се двоумат да ја „дефинираат“ врската или избегнуваат разговор за иднината
Нивното однесување може да изгледа како да се целосно вложени – минуваат многу време со вас, ги запознаваат вашите пријатели, се однесуваат како вистински партнери. Но, штом се спомне „Што сме ние?“ или идни планови, настанува паника. Иако на вас не ви изгледа како голем чекор, самото ставање етикета на односот може да им изгледа како притисок. Притисок кој носи очекувања, одговорност и поголема блискост, а тоа знае да ги исплаши. И двете стручњачки се согласуваат дека може да има оправдани причини зошто некој се двоуми – можеби се уште се носи со последици од прекин или му е хаотичен приватниот живот. Но, ако вие сакате сериозна врска и сте долго време заедно, ќе мора да се зборува за иднината. Ако лицето и понатаму избегнува такви разговори или дава нејасни одговори („Не знам, ќе видиме каде ќе не однесе животот…“), можеби треба да се запрашате дали сте навистина компатибилни.
Што ако имате емотивно недостапен партнер?
Да му дозволите некому да ви се приближи е процес, не се случува преку ноќ. Тоа е вештина што може да се научи – ако таа личност сака да работи на себе, а вие сте подготвени на трпение. Не можете да го натерате некој да се опушти и да ви ги покаже своите ранливи страни. Очекувањето таква промена може да биде емоционално исцрпувачко. На крајот, треба да знаете дека не е ваша работа да го правите тешкиот дел наместо него. Она што може да помогне е создавање безбеден простор и поддршка. На пример, да му помогнете да ги препознае проблемите со доверба од минатото или да го охрабрите да го прошири својот емотивен речник за да може да каже: „Понекогаш ми треба повеќе поддршка од тебе“ наместо да се затвори. Тешко е да се отвори срцето, бидејќи постои ризик да бидеме повредени. Но, стручњаците велат дека токму затоа вреди. Да бидете со некој кој ги гледа вашите стравови и соништа и сепак ве сака е нешто поради кое се исплати да се ризикува и да се покаже ранливост.