Значењето на парламентарнио надзор во заштитата и унапредувањето на слободите и правата на граѓаните е темата за која се дебатираше на денешната Конференција во Собранието, во чија организација се вклучи Институт за европска политика – Скопје. Освен пратеници, во дискусијата учествуваа и претставници на други државни институции, на невладини организации, домашни и меѓународни експерти, кои ја истакнаа потребата за „поврзување на политиката и праксата и за зајакнување на парламентарниот надзор во промоција и заштита на човековите права“. Претседателот на Собранието Африм Гаши го посочи парламентарниот надзор како неопходен елемент во промоцијата и заштитата на човековите права, нагласувајќи дека одговорност на законодавната власт е да ги штити правата и гласот на граѓаните.
„Нашата стратешка ориентација кон Европската Унија, како и нашите предизвици во овој критичен момент од процесот на интеграција, се јасна покана и можност за размислување, дејствување и напредок во зајакнувањето на надзорната улога на законодавниот дом во гарантирањето на човековите права. И не само заради интегративниот процес, туку пред се за да се врати достоинството на Собранието и довербата на граѓаните во оваа институција“, рече претсеадтелот Гаши. Тој додаде дека за успешност на овој пат, е потребно повеќе од политичка волја. Потребни се посилни, попрофесионални, поефикасни институции, соработка со граѓанското општество, активно вклучување на меѓународните тела за човекови права и колективна искреност и свест. „Ве уверам дека остануваме посветени на зголемување на капацитетите, градење одржливи партнерства и делување како мост меѓу граѓаните и Владата, со што се обезбедува транспарентност и отчетност. Убеден сум дека само со инклузивен пристап, стратегии и вистински реформи можеме да гарантираме подостоинствен живот за секој граѓанин, каде што сите ќе ги почитуваат правата на сите“, рече претседателот Гаши.
Генералната секретарка на Собранието, Марина Димовска истакна дека без активен, информиран и одговорен парламентарен надзор не е возможен ефективен систем за заштита на човековите права. Надзорот, рече таа, не значи само следење на Владата, туку и барање отчет за секој потег кој ги засега граѓаните, инсистирање на транспарентност и поттикнување на политики што ги почитуваат човековите права. „Парламентот, како претставнички дом на граѓаните, има суштинска улога во обезбедувањето на транспарентноста, отчетноста и одговорноста на извршната власт. Надзорот кој го врши Собранието не е само уставна обврска – тој е клучен инструмент за заштита и промоција на човековите права и слободи“, рече Димовска. Таа нагласи дека парламентите не се институции што само што креираат закони, туку и поставуваат стандарди, градат доверба и ја рефлектираат волјата и потребите на граѓаните. Квалитетот на парламентарниот надзор, според Димовска, зависи од три основни работи: подготвеноста на пратениците, квалитетот на законодавниот процес и институционалната поддршка која се обезбедува за нивната работа.
Народниот правобранител Насер Зибери ја потенцира улогата на оваа институција во заштитата на слободите и правата на граѓаните, како фундаментални за развој на демократските процеси. Тој, исто така, апелираше за донесување на предложените измени на Законот за народен правобранител и за избор на заменик народни правобранители на испразнетите места, како влог во јакнење на системот за заштита на фраѓанските права и слободи. Воведни обраќања на Конференцијата „Поврзување на политиката и праксата: Зајакнување на парламентарниот надзор во промоција и заштита на човековите права“ имаа и Симонида Кацарска, директорка на Институт за европска политика – Скопје; Бен Нупнау, заменик шеф во Делегацијата на Европската Унија во Северна Македонија и Рита Колумбија, постојана координаторка на Обиденети Нации во Северна Македонија. И тие ја истакнаа потребата за премостување на јазот меѓу политиката и практиката и за создавање наменски форум за дијалог. На тој начин, како што беше речено, ќе се создаде можност да се споделат најдобрите практики, да се дискутираат предизвиците и да се развијат препораки кои ќе овозможат законодавната власт да добие поактивна улога во надзорот на човековите права, како суштинска состојка и за успешен пристап во ЕУ и за цврсто демократско владеење.