Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска, која престојува во Вашинтон, каде учествува на Пролетните средби на ММФ и Светска банка, очекува дека проектираниот раст на економијата на земјава од 3,7 отсто е реален. Таа потенцира дека она на што Владата е посветена и она што го бара ММФ е фискална консолидација, но дека работите не можат преку ноќ да се сменат и дека ќе треба уште време.
„Оваа криза која дава голема неизвесност ние како држава може многу да ја искористиме, во смисла на префрлање на капацитетите од европските земји. Односно капцитетите во европските земји ќе се затвораат и понатаму, затоа што царините значат повисоки набавни цени и на тој начин европскиот пазар ќе бара алтернативи за отворање капацитети онаму каде што ќе имаат на некој начин поевтина работна сила. Иако во земјава веќе не е евтина работната сила, но е сепак на пониско ниво од европската. Оттука мислам дека проекцијата од 3,7 отсто е реална проекција“, рече министерката по објавување на Глобалниот извештај на ММФ.