Цели генерации скопјанчиња пораснаа без забавен парк, нешто што било достапно за нивните родители, баби и дедовци, откако стариот е затворен цели осум години, а новиот не за знае кога ќе биде готов. Најдоцна до денеска наутро сите заинтересирани фирми што се занимаваат со печатарски услуги требаше да достават понуди за печатење 300.000 билети, од кои 250.000 од А-категорија, а 50.000 од Б, на јавниот оглас што го објави „Луна“ ДООЕЛ, фирма „ќерка“ на ЈП „Паркови и зеленило“. „Луна“ е регистрирана како друштво за дејности на забавни и тематски паркови, па тргнувајќи од фактот дека скопскиот забавен парк е затворен уште во 2017 година, а новиот не е ни на повидок, нејасно е зошто им е потребен толкав број на билети. Oд „Луна“ на ова прашање одговараат дека билетите не се за новиот забавен парк туку за постоечките реквизити.
Во овој момент имаме потреба од спроведување на постапка за јавна набавка на печатени билети за забавните реквизити на „Луна“ ДООЕЛ кои се лоцирани на плоштадот Македонија во Скопје. Согласно искуството од претходните години, пролетните и летните месеци носат поголема посета на реквизитите, па поради тоа мора да се спроведе набавката согласно потребите и соодветните законски прописи со цел нормално и непрекинато функционирање на работниот процес. Инаку, станува збор за сукцесивна набавка каде што билетите ги набавуваме зависно од нашите потреби, а во тендерската документација, како и во договорот кој понатаму се склучува со носителот на набавката е наведено дека „Луна“ ДООЕЛ како договорен орган нема обврска да ги искористи во целост количините кои се наведени, што досега е користено како пракса во секоја постапка за набавка во претходните години – велат од фирмата.

Колку пари ќе се потрошат за билетите, не е наведено во огласот, а како критериум е прецизирано дека договорот ќе го добие оној што ќе понуди најниска цена. Во техничката спецификација е даден и изгледот на билетите, на кои пишува билет за рингишпил-каросел. За тоа до каде е опремувањето на новиот забавен парк и кога ќе биде пуштен во употреба, од „Луна“ велат дека не можат точно да одговорат.
Во однос на последното прашање, не можеме да ви дадеме точен одговор кога би завршило целокупното опремување и кога ќе биде пуштен во употреба забавниот парк на локацијата во Градскиот парк. Досега, поставени се два карусела, билетари, хортикултурно е уреден еден дел од забавниот парк и направени се пешачките патеки. Во исчекување сме на поставување и на другите реквизити, за што во иднина навремено ќе бидете известени – објаснуваат од „Луна“.

На градот навистина му недостига забавен парк, затоа што цели генерации млади скопјанчиња пораснаа без да имаат каде да се забавуваат, нешто што било достапно за нивните родители, баби и дедовци. Во мандати на три градоначалници се најавува неговата изградба. Требаше да биде современ, опремен со 27 реквизити за сите возрасти, од кои 18 детски, да има најголем ролеркостер на Балканот, да биде целата околина уредена. Таквиот „залет“ траеше до почетокот на пандемијата со коронавирусот, а потоа се заборави, освен што беше добар предизборен адут за локалните избори во 2021 година, кога во кампањата го ветуваа и Петре Шилегов и Данела Арсовска.

Арсовска дури го смести забавниот парк во 16-те приоритетни проекти во Скопје, кој требаше да се реализира во првите две години од нејзиниот мандат. Ветуваше дека ќе биде најдобар лунапарк на Балканот, а покрај него дека во Скопје ќе се изградат уште два нови забавни парка, едниот во општина Гази Баба на потегот кон општина Чаир, како и во Аеродром, преку соработка со општинските власти и процес на јавно-приватно партнерство. Ништо од тоа не се реализираше, како и многу други ветени проекти од актуелната градоначалничка. Пред речиси две години градоначалничката информира дека се обезбедени сите документи и дека ќе отпочне со постапката за обезбедување дополнителен број реквизити за новиот лунапарк, ќе се расчистува теренот, ќе се поставуваат постаментите и ќе се гради сето она што како инфраструктура треба да биде обезбедено за предмонтажата на реквизитите.

Есента од Град Скопје тврдеа дека работите не се запрени, но не одговорија кога Скопје повторно ќе добие лунапарк.
Ве известуваме дека активно се работи на партерно и хортикултурно уредување на просторот во Забавен парк Скопје, со што Скопје за првпат ќе добие забавен парк – изјавија тогаш од Градот
Сега оттаму – молк. Не одговараат ниту до каде е изградбата, дали се набавени реквизити или сè уште се работи само на инфраструктура и најважно – има ли шанси скопјани да го добијат забавниот парк до крајот на мандатот на Арсовска. А до крајот на мандатот остануваат уште шест месеци. Со оглед на она што и денеска го затекнавме на просторот каде што треба да биде забавниот парк, без сомнение тој ќе го чека следниот градоначалник.
