Заменик-министерката за европски прашања, Викторија Трајков и директорот на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, Илија Стоилев денеска остварија средба со градоначалникот на општина Охрид, Кирил Пецаков. На средбата се прецизираа конкретни чекори во насока на подобрување на капацитетите на општината за поголемо искористување на средствата од европските фондови кои се на располагање, а се разговараше и за тековните и идните проекти од областа на земјоделството и можностите за поддршка преку европските фондови. Посебен акцент беше ставен на унапредување на инфраструктурата и креирање на нови можности за локалните земјоделци.
Во рамки на посетата, делегацијата изврши и обиколка на инклузивната игротека „Радост“ која отвори цел нов свет за околу 20 дечиња со церебрална парализа од Охрид и околината, за нивните родители, но и за целата заедница. Проектот го реализира граѓанската организација В.О.П.С. Поддршка Охрид како дел од активностите поддржани во рамки на Регионалната програма за локална демократија во Западен Балкан 2 – ReLOaD2 која е финансирана од Европската Унија, а се спроведува преку UNDP.
Воедно делегацијата посети и винарија која е модернизирана и поддржана преку ИПАРД програмата во износ од 11 милиони денари, средства кои винаријата ги наменила за опрема и за преработка на вино. Оваа македонска приказна е пример за успешна примена на европските средства во развојот на локалната економија и поддршката на претприемништвото. Министерството за европски прашања секогаш е подготвено да помогне во давањето на насоки и мотивација на општините да аплицираат и да ги користат средствата кои се достапни преку ЕУ фондовите.