Пратеникот на СДСМ, Митко Трајчулески, на денешната собраниска седница посветена на пратенички прашања, упати прашање до заменик министер за правда Ален Деребан, (министерот за правда Игор Филков не беше присутен), а се однесуваше на постапка за разрешување на Државниот јавен обвинител Коцески како и на предизборното ветување за избор на државен јавен обвинител по предлог на опозицијата со двотретинско мнозинство. Во продолжение интегрален текст од прашањето: Почитуван заменик министер, пред два месеци вашето министерство поведе постапка за разрешување на Државниот јавен обвинител Коцески. Во вашето мислење кое го доставивте до владата ги нотиравте следните состојби: нарушен углед на институцијата со која раководи јавниот обвинител, низа скандали, нарушена функционалност на јавното обвинителство, незаконско постапување и корупција, неефикасност во кривичното гонење, неефикасност и повреда на принципите и самостојноста во вршењето на функциите на обвинителите.
Државниот обвинител постапувал во предмети во кои согласно законските одредби постоеле околности кои предизвикуваат сомневање во неговата непристрасност, ако и судир на интереси, за кои околности тој требало да знае и требало да се изземе. Понатаму, владата врз основа на вашето мислење оцени дека придонесот на јавниот обвинител за овие состојби е значителен и е резултат на низа пропусти и повреди на неговото постапување и извршување на функцијата. Со овие дејствија се предизвикани тешки последици по функционирањето на јавното обвинителство со што е направено намерно и неоправдана крупна професионална грешка заради што се бара негово разрешување. Но иако владата на 11.2 2025 година донесе одлука за поведување на постапка за разрешување на државниот јавен обвинител, сепак после трагедијата во Кочани премиерот Мицкоски изјави дека дава втора шанса на државниот јавен обвинител. Оваа остава сериозни дилеми за мотивите заради кои можеби се дава оваа втора шанса, а тоа е очигледно од начинот на кој се води и се разводнува истрагата за трагедијата во Кочани.
И кога сме кај јавното обвинителство, сакам да потсетам на стожерното предизборно ветување на движењето ЗНАМ од чии редови вие доаѓате, а тоа е избор на државен јавен обвинител со двотретинско мнозинство и по предлог на опозицијата. И нема зошто ние да се сомневаме дека вие како ресорен министер кој доаѓа од движењето ЗНАМ ќе го исполните ова стожерно ветување. Моето директно прашање до вас е дали стоите на вашето мислење за работата на државниот јавен обвинител и барањето за негово разрешување кое го доставивте до владата. И поврзано со ова, кога ќе го исполните вашето предизборно ветување и ќе доставите до ова собрание закон за избор на државен јавен обвинител по предлог на опозицијата со двотретинско мнозинство. Барам директно и прецизно да ми одговорите на моите прашања.