Откако се случи трагичниот пожар во Кочани минатиот месец, во повеќето градови во земјава, градоначалници ги задолжија општинските инспекторати да спроведат контроли во колективните станбени згради, со цел да се откријат евентуални недостатоци кои се однесуваат на заштита од пожари, и истите да бидат отстранети за најкратко време. Но, во Неготино, состојбата затекната на терен била благо речено катастрофална, односно, во зградите немало што нема. Од 35 згради, со повеќе влезови, колку што имало во градот, била извршена контрола во околу дваесетина, и во само една зграда бил затекнат исправен хидрант! Во ниту една немало противпожарен апарат, ниту пак план за евакуација, како и противпожарни скали, потврди градоначалникот д-р Горан Стојанов.
Како што раскажуваат и станари во зградите, во повеќето згради ниту се исполнети точките од Законот за домување, ниту пак се водело грижа за противпожарната заштита. Покрај немањето на противпожарни апарати, голем проблем биле и хидрантните црева, кои биле искрадени, бидејќи лозари си ги присвојувале за наводнување на лозјата. Исто така, за план за евакуација, повеќето станари ниту слушнале, ниту пак се сеќаваат дека некогаш да го имале.
– Дури откако се случи пожарот во Кочани, ги проверивме хидрантите, во нашата зграда нема ниту едно хидрантно црево! Станува збор за влез во кој живеат околу сто лица, нема ниту противпожарен апарат, се е тоа искрадено, а нема ниту законски управител! Најчесто, во зградите во градот има неофицијален управител, кој собира на рака пари за сметки за електричната енергија во влезот и скалите, и тоа е се. Нема никакво официјално тело, па според тоа, секој станар сам си одлучува дали ќе плаќа, односно дали ќе учествува во било каква поправка, санација, или пак во случајов, во купување на противпожарни апарати или хидрантни црева, за „Фокус“ раскажуваат неготинци.
Додаваат дека по трагедијата во Кочани, не смее така да се остават работите на случајност, а доаѓање на општински инспектори во контрола, кои ќе им наложат на станарите да ги отстранат дефектите, може да помогне во решавање на проблемот. – Не само да дојдат инспектори, туку и да им наложат на станарите да ги отстранат недостатоците и ќе им дадат рок за тоа, како што всушност налага и Законот за домување. Тогаш ќе нема место за изговори, секој ќе мора финансиски да учествува. Вака, никој не прашува, никој не контролира, и станарите си продолжуваат по старо, во надеж дека нема да се случи некој немил настан, и не одвојуваат пари за набавка на црева, на противпожарни апарати, за отстранување на дефекти…
За жал, превенцијата секогаш била занемарена кај нас, а се реагира дури откако ќе се случи немил настан, велат станари во неготински згради. Според градоначалникот Стојанов, состојбата во колективните станбени згради, утврдена во досегашните инспекциски контроли, била загрижувачка и морало да се започне со средување во таа област, околу домувањето и обврските на станарите. – Во Неготино, од она кое се утврдило на терен досега, нема ниту еден законски Куќен Совет, зградите немаат законски управител! Затекнатата состојба е лоша, ниту еден противпожарен апарат, само еден исправен хидрант во околу 20 проверени згради. Во координација сме со општинските инспектори, секако дека ќе се преземат мерки, станарите мора да ги решат овие прашања кои се од витално значење за безбедноста. Мора да се назначат управители, да се функционира според закон, сите станари подеднакво да учествуваат во подмирување на колективните трошоци. Контролите на терен продолжуваат и во наредниот период, а потоа во координација со надлежното тело, Државниот комунален инспекторат, ќе се утврдува состојбата и ќе се решаваат проблемите, вели градоначалникот.
Околу обврската за назначување на управител на зградите, граѓаните посочуваат и на можноста на управување со станбената зграда од страна на Агенција за домување. Во тој случај, на станарите кои одбиваат да си ги подмират трошоците, средствата кои ги должат за одржување и поправка во зградата, ќе им бидат повлечени директно од сметка. – Во случај кога ниту еден станар не сака да биде управител, постои друга можност. Има понуди од агенции за домување, но услов е барем 51 процент од станарите да потпишат согласност за тоа. Тогаш агенцијата го презема управувањето со зградата и се грижи за отстранување на сите недостатоци и за тековно одржување. Конкретно за нашата зграда, понудата од агенцијата изнесуваше околу 500 денари месечно од стан, но повеќето станари не сакаа да се согласат, и се уште состојбата е таа, кој сака плаќа за заеднички трошоци, кој не сака, нема начин како да му се наплати. Се уште се собираат и пари на рака за сметки, што е против закон, и овој проблем е некако ставен на страна, раскажуваат станари. Според досега утврденото, во зградите во Неготино недостатоците се бројни и истите се небезбедни средини, во кои е занемарено одржувањето на заедничките уреди и опрема, посебно противпожарни уреди, уреди за откривање и јавување на пожар, безбедносното осветлување и сите други комунални и слични приклучоци наменети за заедничко користење на сопствениците во станбената зграда.