Предавање на тема „Штетни ефекти од употребата на тутун и тутунски производи по здравјето на децата од училишна возраст“ се одржало вчера во средното училиште „Д-р Панче Караѓозов“. Предавањето било резултат на заемна соработка меѓу Институтот за јавно здравје, Центарот за јавно здравје (ЦЈЗ) од Скопје и училиштето „Д-р Панче Караѓозов”.
„Предавањето имаше за цел да ги запознае учениците – идни здравствени работници, со негативните последици по здравјето од употребата на тутунот и тутунските производи, со оглед на трендовите во зголемување на бројот на ученици и млади кои ги користат цигарите, и посебно електронските цигари, тутун што не е за пушење и несогорлив тутун“, информираат во Институтот за јавно здравје. На предавањето им се обратила Флора Хамид од ЦЈЗ Скопје, а предавачи биле проф. д-р Елена Ќосевска и д-р сци Сања Прошева.
„На предавањето учествуваа околу 50 ученици, педагози и професори од училиштето. Во рамки на презентациите беше промовиран Центарот за откажување од пушење и телефонската линија во Институтот за јавно здравје со можностите за групни и индивидуални советувања и препораки за нефармаколошка и заместителна терапија. Настанот заврши со насоки до персоналот и учениците, дека здобиените знаења и добиените презентации од предавачите би требало да ги споделат на класните часови со останатите ученици во училиштето“, се наведува во соопштението.