Слободан Трендафилов, претседател на ССМ најави дека работниците на 1. мај излегуваат на протест и ќе бараат зголемување на платите и на минималната плата.
„Платите во Македонија се мизерни, одбиваат од владата да ја зголемат платата, а тука се и недостоинствените услови за работа, и тоа се главните мотиви оваа година на 1. мај да протестираме, а не да маршираме. Затоа сметаме дека оние работници кои сметаат дека се понижени и дека имаат ниски плати, и кои сметаат дека треба да застанат рамо до рамо со ССМ за борбата за подобрување на работничките права, во борба за плати и достоинствени услови за работа. Не е време за празнување, туку да менуваме позиција и да излеземе на простест и да го изразиме нашето незадоволство. Ако во некоја држава може да каже дека платата е најминимална и на дното, тогаш минималната плата во Македонија го пробуши дното. Не е време за пиво и скара, туку за борба за работнички права“, рече Трендафилов и додаде:
„Моите податоци се дека и во Министерството за економија, како и во Пазарната инспекција немаат добиено плата. Вработените во Јавното обвинителство немаат добиено плата. Вработените во Водостопанство се уште ја немаат добиено платата. И други низа институции кои во јавниот сектор има што немаат добиено плата. Добив информација дека и вработените во Државниот инспекторат за труд немаат добиено плата, а треба тие да спречат неисплаќањето на плати во приватниот и јавен сектор. Тоа е голем број на работници кои ја немаат добиено платата и по празниците, беа оставени и за време на најголемите христијански празници без средства“, рече Трендафилов.