Собранието е институцијата која ги избира членовите во Државната комисија за спречување корупција, и очигледно тоа треба да спроведува поголем надзор врз овие независни тела, оцени поранешната претседателка на Државната комисија за спречување корупција, Билјана Ивановска откако вчера претседателката на Антикорупциска, Татјана Димитровска, беше осомничена во случајот АДИТИВ.
– Не знам и не можам да коментирам во која насока се одвива истрагата, меѓутоа, мене ми е многу тешко и за институцијата, за реномето на институцијата којашто, навистина, знаете колку многу труд вложивме за да ја изградиме, за да ја изградиме довербата кај граѓаните, дека еве, има една независна институција во која можат да се обратат, да дадат претставки, да поднесат предмети. Во секој случај, ќе кажам дека е многу, многу непријатно чувство. Вистината е како шило, верувам дека ќе излезе на површина, не сакам ништо да прејудицирам, но како и да е, во секој случај Собранието сега е тоа коешто ги избира кандидатите за членови на комисијата, мислам дека треба да го зајакне својот надзор врз работењето на овие независни тела – рече Ивановска во вчерашното гостување на телевизија Телма. Претседателката на Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК), Татјана Димитровска, која според соопштението на Обвинителството е третоосомничена во случајот, на товар ѝ се става дека преку апликации за пораки му оддавала службени тајни на друг обвинет.