„Би сакал реално да ги видиме нештата во Македонија. Во една прилика самиот Таравари изјави дека според неговите анкети 70% од граѓаните Албанци се незадоволни од владеењето. Јас мислам дека тој процент е многу поголем и јас лично тука би ја гледал причината за овој чекор на Таравари, изјави во магазинот „Трилинг“, пратеникот и потпретседател на Алијанса за Албанците од Европскиот фронт, Елми Азири говорејќи околу чекорот на министерот за здравство Таравари да ја напушти ВЛЕН и да чека на одлука на Мицкоски дали ќе остане во владината коалиција.
„Инаку, имајќи предвид се што се случуваше во Алијанса за Албанците (АА) пред изборите на 8-ми мај и помпезноста како се формираше ВЛЕН, сметам дека формалните изјави за советнички листи, за градоначалнички места се ептен тривијални за да бидат главна причина за ваквите случувања или ваквиот раскол во самиот ВЛЕН. Сметам дека свесни се за погрешните постапки што ги направија дури од почеток. Свесни се дека во оваа Влада досега апсолутно ништо немаат направено за добробит на граѓаните. Ова може да се поткрепи со тоа дека ниту во една точка од изборната програма на ВЛЕН не е преточена во владина програма“, вели Азири и додава дека граѓаните чувствуваат дека нешто не оди и дојде време политичарите да излезат пред граѓаните на локалните избори со нивните ветувања што ги направија пред парламентарните избори. Говорејќи околу тоа која е иницијалната каписла Таравари повторно да се врати, а и да чукне на врата Али Ахмети, довчерашниот негов противник за кого зборуваше дека е изворот на корупцијата и криминалот, Азири вели дека една работа не смее да се заборави, а тоа е дека улога на државата и посебно на Владата е да направи граѓаните да бидат задоволни.
„Повеќе од 80%, можеби 90% од граѓаните Албанците се незадоволни од оваа Влада. Зошто се незадоволни? Затоа што ние сите знаме низ што помина Република Северна Македонија години наназад. Охридскиот рамковен договор е дел од Уставот на Република Северна Македонија. Охридскиот рамковен договор имаше четири главни столба. Сите столбови на Охридскиот рамковен договор на еден или друг начин се начнати. Прво беше Законот за јазици, еве гледаме месеци наназад Уставниот суд прави притисок. Второ, правичната и адекватна застапеност на немнозинските заедници е уставна категорија. Гледаме дека се укина етничката припадност како критериум, а со тоа и балансерот. Трето е фискалната децентрализација. Ние во Македонија немаме функционална фискална децентрализација. И наместо Владата да ја продлабочи фискалната децентрализација, они со унгарскиот заем ја зацврстуваат централизацијата во државата. -Во програмата на ВЛЕН пишуваше сосема друго – „со нашите мерки ќе влијаеме кон запирање на уценувањето од страна на централната власт кон локалната власт. И претпоставувам дека недостатокот на резултатите, недостатокот од исполнувањето на „лажните ветувања“ шти ги имаа на 8-ми мај 2024 се реалната причина, вели Азири.
Говорејќи за можноста околу спојување на Таравари и Села, довчерашни лути противници, Азири вели дека двајцата биле многу блиски пријатели и најблиски соработници во Алијанса за Албанците повеќе од 7 години. „Теоретски се е можно. Можно е и да се спојат и да се вратат и Таравари и други членови на Алијанса за Албанците во Алијанса за Албанците, таму каде и што припаѓаат. Слушам дека има некоја иницијатива, но јас не знам како ќе се одвиваат работите. Во секој случај ние сме за обединување, затоа што обединувањето е најпрво хумана работа“, додава Азири.