Израел го погоди складиштето за прецизни ракети на Хезболах во Бејрут претходно денеска, потврдија израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и министерот за одбрана Израел Кац во заедничка изјава, додавајќи дека ракетите на либанската милитантна група „претставуваат значајна закана за Израел“.
„Израел нема да дозволи Хезболах да стане посилен и да продолжи да претставува каква било закана, каде било во Либан“, рекоа двајца високи израелски претставници во заедничката изјава, објави „Тајмс оф Израел“.
Нетанјаху и Кац истакнаа дека Израел нема да дозволи бејрутското предградие Дахија да служи како светилиште за Хезболах, предупредувајќи дека либанската влада сноси директна одговорност за елиминирање на овие закани. Во посебно соопштение на израелската војска (ИДФ) се вели дека воздушниот напад бил насочен кон објект каде Хезболах складирал прецизни проектили.
„Складирањето проектили на оваа инфраструктурна локација е јасно прекршување на договорот меѓу Израел и Либан и претставува закана за државата Израел и цивилното население“, се вели во соопштението на ИДФ додавајќи дека пред нападот на израелските воздухопловни сили, ИДФ издаде предупредување до цивилите во областа, пренесува Танјуг.