Заменик министерот за надворешни работи и надворешна трговија Зоран Димитровски денеска во Варшава учествуваше на конференција на иницијативата “Три мориња” организирана од The Opportunity, Институт за надворешни работи од Полска. – Македонија како и другите земји од Западен Балкан треба да станат дел од Иницијативата “Три мориња”, истакна Димитровски, како комплементарна интеграциска алатка за полноправно членство во ЕУ. – Рутите на иницијативата ‘Три мориња” од Балтикот до Јадранот, Медитеранот и Црното море, минуваат токму низ земјите од Западен Балкан и Северна Македонија, преку коридорите 10 и 8.
Балканот и Македонија не може и не смее да се заобиколат доколку на Европската унија и е значајна безбедноста на континентот, зашто тие се во европскиот двор, а најдобриот начин за траен мир и во овој дел од регионот е силен економски развој кој не е можен без инвестиции во инфраструктурното поврзување, изградбата автопати, брзи пруги, гасоводи, енергетски и дигитални врски, рече Димитровски.
Иницијативата “Три мориња” поврзува 13 земји членки на ЕУ од регионот на Балтикот, Јадранот и Црното море (Австрија, Унгарија Словенија, Хрватска, Полска, Чешка, Словачка, Литванија, Естонија, Латвија, Романија, Бугарија, Грција) и партнерите САД, Германија и Јапонија и создадена е за да обезбеди посилни транспортни, комуникациски, енергетски и дигитални врски на земјите членки со Западна Европа. Партнери на иницијативата се и Украина и Молдавија, како и Албанија и Црна Гора. Самитот на шефови на држави или влади на иницијативата се одржува утре и задутре во Варшава. Ви благодариме на соработката