Наративот во објавата, дека секој што нема да оди во Москва е фашист, е на иста линија со про-Кремљ дезинформациите дека сите се „нацисти“, освен Русија, пишува Вистиномер. Како што објавува EuVsDisinfo, долги години руските медиуми контролирани од државата тврдeле дека различни држави и ентитети се управувани од нацисти, или, пак, се водат од нацистичката идеологија. Примерите се добро документирани во базата на податоци EUvsDisinfo од 2015 година. Таму, на пример, се тврди дека Молдавија е управувана од фашисти, а, исто така, и балтичките држави и Полска, пишува Вистиномер во написто кој во продолжение го пренесуваме во целост. Анализираме објава на социјалната мрежа Тредс која вели: Само фашисти нема да присуствуваат на парадата во Москва.
По состанокот на Советот за надворешни работи на Европската Унија во Луксембург, шефицата за надворешни работи и безбедност на ЕУ Каја Калас ги предупреди европските лидери да не учествуваат на воените прослави во Москва на 9 Мај, туку наместо тоа да покажат солидарност со Украина. Ова од причина што Русија воената инвазија што ја спроведе врз Украина ја оправда со т.н. „денацификација“. Она што беше дискутирано многу јасно и посочено од повеќе различни земји членки, е дека кое било учество на парадата на 9 Мај или во прославите во Москва, нема да биде сфатено несериозно од европска страна со оглед на тоа што Русија спроведува војна во Европа, им рече Калас на новинарите во Луксембург после состанокот со министрите за надворешни работи. Калас додаде дека ЕУ не сака да види која било потенцијална членка на блокот да се приклучува на прославите на Путин во Москва. Прославите на 9 Мај ја одбележуваат 80-годишнината на Русија од поразот на нацистичка Германија, во кој таа одигра клучна улога. Путин сомнително тврдеше дека неговата војна против Украина е обид да ја исчисти земјата од нацистите. Исто така ги повикав земјите членки, но и претставниците на институциите да го посетат Киев колку што можат повеќе, за да ја покажат навистина нашата солидарност дека сме со Украина, додаде Калас.
Прославата на Денот на победата во Москва е дел од руската пропаганда и обид да се оправда инвазијата на Украина, затоа членките на Европската унија и земјите кандидати треба да се воздржат од присуство на настанот, изјави портпаролката на Европската комисија Пола Пињо. Празнувањето на 9 мај го гледаме како дел од руската пропаганда и обид да се оправда нејзината инвазија на Украина и затоа веруваме дека треба да се воздржиме од давање легитимитет на кој било начин на оваа војна и да се воздржиме од присуство на таа прослава, рече Пињо. По повод на Денот на Европа, ЕУ и нејзините институции секоја година организираат настани и манифестации за одбележување на празникот. На 9 Мај Европа ја слави годишнината од „Шумановата декларација“, која го даде првиот поттик за создавање на денешната Европската Унија. Европската Унија, спротивно на постулатите на фашизмот, е политичка и економска унија од 27 земји-членки кои се фундаментално демократски и се придржуваат до принципите на либерална демократија, човекови права и владеење на правото. ЕУ става силен акцент на човековите права, основните слободи и заштитата на малцинствата. Таа има механизми за да ги поддржува овие принципи, како што е Европскиот суд за човекови права. Од друга страна, пак, фашистичките режими се познати по нивната угнетувачка природа, вклучувајќи цензура, прогон на политичките противници и кршење на човековите права. ЕУ ја слави културната различност и ја охрабрува соработката меѓу различните народи. Се стреми да го поттикне чувството за европски идентитет, истовремено почитувајќи ги националните идентитети. На 25.10.2018 година, Европскиот парламент објави дека е загрижен од зголемениот тренд на нормализација на фашизмот, расизмот и ксенофобијата и повика сите земји членки на Европската Унија да ги забранат неофашистичките и неонацистичките групи. Од ова станува јасно дека заложбите на Европската Унија не само што не се фашистички, туку и цврсто се темелат на антифашистички политики, препораки и дејствија.
Според списокот на најавени гости може да се види дека на парадата во Москва нема да присуствуваат и претставници на други светски сили како што се на пример Јапонија и САД. Тврдењето дека Америка е фашистичка не кореспондира со реалноста и тоа е евидентно од Уставот и од севкупното уредување на Соединетите Американски Држави. Уставот на САД воспоставува федералeн демократски републикански облик на владеење, односно има неделива унија на 50 суверени држави. САД е претставничка демократија, граѓаните се слободни да се организираат и да избираат свои избрани лица на слободни и тајни избори. Власта во САД е базирана на три принципи: на права коишто ги има секој човек што живее во Америка, власт, одбрана од народот и поделба на власта – гранки (столбови) на власта со различни овластувања. Наративот во објавата, дека секој што нема да оди во Москва е фашист, е на иста линија со про-Кремљ дезинформациите дека сите се „нацисти“, освен Русија. Како што објавува EuVsDisinfo, долги години руските медиуми контролирани од државата тврдeле дека различни држави и ентитети се управувани од нацисти, или, пак, се водат од нацистичката идеологија. Примерите се добро документирани во базата на податоци EUvsDisinfo од 2015 година. Таму, на пример, се тврди дека Молдавија е управувана од фашисти, а, исто така, и балтичките држави и Полска. Понатаму, дека Европа го „поддржува“ фашизмот, а исто така и Европскиот парламент. Говорејќи во Владивосток шест месеци по руската инвазија на Украина, Владимир Путин дури шпекулираше дека шефот за надворешна политика на ЕУ, високиот претставник Жозеп Борел, „ќе беше на страната на фашистите доколку живееше во триесетите“. Според сето погоре, оценуваме дека објавата е невистина. Извор: Новинска агенција МЕТА