Градоначалникот Горан Герасимовски, во утринската емисија „Ја сакам Македонија“ на телевизија Сител потенцираше дека Општина Центар континуирано вложува во културата. Во 2021 година, буџетот за култура изнесувал 3.5 милиони денари, а денеска, во 2025 година изнесува 14 милиони денари за многубројни културни настани што се спроведуваат во текот на целата година. Герасимовски, истакна дека изминатите неколку години Центар го прославува роденденот на Горан Стефановски со богати настани, музика, читање на негови дела.
„Имаме одлична соработка со семејството, синот Игор е секогаш активен учесник на овие настани . Така беше и вчера, му благодарам за тоа. Имавме и убава музика претставена од групата Аудио Скопје, се читаа и дел од текстовите од книгите на Горан Стефановски, преку дружба и одлични изведби се потсетивме на делото на големиот автор. И секако живите статуи кои беа одлични. И да не заборавам на центарско ќоше посветено на Горан Стефановски, со прекрасниот мурал којшто е поставен на основно општинско училиште „Коле Неделковски“, рече Герасимовски.
Во емисијата, Герасимовски посочи дека Горан Стефановски е симбол на Центар, симбол на Дебар Маало. „Преку многубројните настани кои ги организираме доловуваме се што Горан има творено и не ги забораваме и идните генерации. На Боемска улица постојано имаме нешто ново да понудиме, традиционален е и концертот „Нешто што ќе остане“ кој трета година по ред се изведува во Паркот на франкофонија. Имаме „Џез под ламба“, многубројни мурали и графити, а за летниот период веќе го подготвуваме проектот наменет за најмладите „На одмор сум, во Скопје сум“ каде преку игра, песна ќе се дружат сите оние дечиња кои ќе останат за распустот во главниот град, а ќе има и ред други настани кои ќе го разубават секојдневието на центарци“, изјави Герасимовски.