Големата лага со која Борче Јовчески и ДПМНЕ дојдоа на власт, се распрсна како меур од сапуница. Наместо развој на градот и подобар живот за прилепчани, донесоа пропаст. Градоначалникот ја упропасти локалната самоуправа, директорите ги уништија јавните претпријатија. Прв меѓу нестручните кадри на ДПМНЕ е Игор Гулабоски, другар и личен избор на Борче Јовчески за директор на „Водовод и канализација“. До вчера успешното и финансиски стабилно јавно претпријатие доживеа финансиски колапс. Како му успеа на директорот Гулабоски и покрај покачувањето на цената на водата, прв пат од постоењето на претпријатието од него да направи загубар со долг од 650.000 евра?
Континуираното вработување, унапредување и наградување на актуелни и поранешни партиски функционери и нивни блиски роднини, недомаќинското работење и нерационалното трошење на парите на граѓаните, се дел од причините за прикажаните загуби. Така на пример, само за набавка на резервни делови за возилата јавното претпријатие минатата година потрошило близу 3 милиони денари. Но и покрај тоа, во моментов речиси сите теренски возила се надвор од употреба, заради што техничарите одат пешки на отстранување на дефекти. Долгот на „Водовод и канализација“ се зголемува на дневна основа. Јавното претпријатие забрзано се движи кон „црната дупка“.
Во интерес на консолидирање и натамошно опстојување на претријатието, директорот Гулабоски треба да го следи примерот на неговиот колега од „Пазари“ и да поднесе итна и неотповиклива оставка. Секој негов нов ден на чело на „Водовод“, значи чекор поблиску до бездната. Истовремено, ги повикуваме Управата за финансиска полиција и прилепското Основно јавно обвинителство да постапат по допрен глас и да го „прочешлаат“ финансиското работење на јавното претпријатие. Во „Водовод и канализација“ очигледно нешто „смрди“!