Уставниот суд денеска организираше тркалезна маса на тема „Дали е потребен Закон за Уставниот суд?“, со што официјално ја отвори јавната дебата за потребата од донесување на посебен закон што би го регулирал работењето на Судот. На настанот учествуваа уставните судии, Претседателката на Република Северна Македонија проф. д-р Гордана Сиљановска-Давкова, претставници на дипломатскиот кор, професори по уставно право и експерти од граѓанскиот сектор. Тркалезната маса е организирана во рамките на ИПА 3 проектот „Зајакнување на капацитетите на Уставниот суд за оценување на уставноста и законитоста на донесените правни акти и заштита на човековите права“, финансиран од Европската Унија и спроведуван од конзорциумот ICE EEIG и Expertise Advisors. Претседателот на Уставниот суд, д-р Дарко Костадиновски, во своето обраќање ја нагласи потребата од донесување на Закон за Уставниот суд со кој ќе се регулираат клучните правни прашања и ќе се обезбеди самостојноста на Судот. Тој истакна:
„Потребно е да се интервенира во Уставот и да се предвиди уставен основ за Закон за Уставен суд, донесен со дво-третинско мнозинство. Ваквиот мој став е во линија со Мислењето на Венецијанската комисија по однос на предложените седум нацрт-амандмани на Уставот од 2014 година. Да се донесе уставен закон по примерот на хрватскиот закон за Уставен суд. Овој закон би го конкретизирал терминот „истакнат правник“, потоа начинот на избор на уставните судии. Јас сум отворен поборник седниците да се прикажуваат во живо на ТВ, за да разберат граѓаните како ги носиме одлуките, да нè запознаат и слушнат како размислуваме. Клучна е административната, буџетската и статусната самостојност и независност на судот која би се уредила со Закон.“ Претседателката, проф. д-р Гордана Сиљановска-Давкова, нагласи дека реформата на Уставниот суд е одамна задоцнета и неопходна:
„Јас сум за поширока надлежност на Уставниот суд, но тоа не може да се регулира со закон, бидејќи и да носиме закон за Уставен суд треба да интервенираме во Уставот. Можеме ние да го читаме како сакаме членот 113, меѓутоа јасно е таму дека акт за Уставниот суд не значи закон, бидејќи Уставниот суд не може да донесе Закон, тоа треба да го направи Парламентот.
Денеска сум посреќна, кога гледам дека на некој начин пробива општоприфатениот став дека ни е потребен похрабар однос кон Уставниот суд, за да може тој да биде похрабар во односот кон трите власти, а исто така похрабар кон заштитата на човековите слободи и права.“ Амбасадорот на Европската Унија, Н.Е. Михалис Рокас, ја истакна важноста на реформите за владеењето на правото и демократијата:
„Зајакнувањето на Уставот не е само формално барање за членство во ЕУ, тоа е стратешка инвестиција во фер пристапот и владеењето на правото — нешто што им е потребно на граѓаните.
Тоа е реформа во која Уставниот суд треба да одигра многу важна улога. Од тие причини ЕУ го поддржува Судот во неговата работа и ги зајакнува неговите капацитети. Ја поддржуваме Северна Македонија да изгради силни, независни и кредибилни институции.“ Амбасадорката на СР Германија, Н.Е. Петра Дрекслер, ja повтори поддршката за секој напор за јакнење на институциите што ја штитат демократијата и основните слободи:
„Во Германија, Федералниот уставен суд е институција која ужива висока доверба кај граѓаните и која одигра витална улога во јакнењето на демократијата по Втората светска војна. Исто така, вашиот Уставен суд може да стане столб на доверба, независност и заштита на правата.
Силен и независен Уставен суд е клучен за владеењето на правото и за заштитата на човековите права.” Амбасадорката на САД, Н.Е. Анџела Прајс Агелер, потенцираше дека ќе продолжат да го поддржуваат зајакнувањето на судството и Уставниот суд како чувари на човековите права:
„Независниот Уставен суд е еден од столбовите на демократијата и владеењето на правото. Кога судовите се силни, независни и транспарентни, тие не само што ја штитат слободата и правата на поединците, туку градат и доверба на јавноста во институциите.
Во САД, вербата во независно судство е основен принцип кој ја одржува демократијата жива, и среќни сме што можеме да ја поддржиме Северна Македонија на истиот пат.“ По воведните излагања, на тркалезната маса следуваше повеќечасовна експертска дебата на која беше презентирана Студија која е изработена од страна на тројцата правни експерти ангажирани од ИПА 3 проектот, Карстен Манке, Мартин Сопронов и Маргарита Цаца Николовска. Свое обраќање имаа и судиите на Уставниот суд, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева и проф. д-р Ана Павловска-Данева.
Своите експертски видувања ги споделија и професорите по уставно право, проф. д-р Татјана Каракамишева, проф. д-р Денис Прешова, проф. д-р Јетон Шасивари и проф. д-р Рената Тренеска Дескоска, а се вклучија и претставници од граѓанскиот сектор, Дарко Аврамовски од „Коалицијата – Сите за правично судење“ и Бојан Трпевски од Македонското здружение на млади правници. Дебатата придонесе кон продлабочување на јавната дискусија за можностите и моделите за идно законско регулирање на Судот, во насока на јакнење на владеењето на правото и заштитата на човековите права во Република Северна Македонија.