„Ова е Канада и ние одлучуваме што ќе се случи“, рече канадскиот премиер Марк Карни во својот прв говор во Отава пред своите поддржувачи, испраќајќи јасна порака до американскиот претседател Доналд Трамп. Либерална партија на Карни победи на националните избори во земјата во понеделникот и ја задржа власта. Карни додаде дека земјата никогаш не смее да го заборави американското „предавство“, истакнувајќи дека Канада е на пресвртница. „Нашиот стар однос со САД, заснован на постојано зајакнување на интеграцијата, е завршен“, рече канадскиот премиер и додаде: „Го надминавме шокот од американското предавство, но никогаш не смееме да ги заборавиме лекциите. Треба да се грижиме за себе и едни за други.“ Карни предупреди дека американскиот претседател сака да ја „покори“ Канада и да ја стави земјата под своја контрола, но ги увери Канаѓаните дека тоа никогаш нема да се случи.
„Америка ја сака нашата земја, нашите ресурси, нашата вода. Ова не се бесмислени закани. Трамп се обидува да нè покори за Америка да може да нè поседува. Ова никогаш нема да се случи“, рече тој. Карни ги опиша САД како „понекогаш непријателски“ сосед, но ја нагласи потребата од единство. Тој додаде дека неговата влада ќе направи сè што може за да ги одбрани интересите на земјата. „Кога сме загрозени, ќе се бориме најсилно што можеме за да постигнеме договор за Канада“, нагласувајќи дека „кога ќе се сретнам со Трамп, тоа ќе биде со целосно знаење дека имаме многу други опции за да ја обезбедиме благосостојбата на сите Канаѓани“. Во овој контекст, тој зборуваше за зајакнување на односите со Европа и Азија. „Купуваме канадски производи, ги поддржуваме нашите пријатели и соседи кои се на нишан на претседателот Трамп. Ќе ја добиеме оваа трговска војна и ќе ја изградиме најсилната економија во Г7“, рече тој.
„Ќе треба амбициозно да размислуваме и да дејствуваме порешително“, забележа Карни, нагласувајќи дека „ќе треба да правиме работи што претходно се сметаа за невозможни“. „Можеме да си понудиме многу повеќе отколку што Американците некогаш можат да добијат. Наредните денови и месеци ќе бидат напорни и ќе бидат потребни некои жртви. Но, ние ќе ги поддржиме нашите работници“, додаде тој. За време на својот говор, канадскиот премиер истакна дека избрал да влезе во политиката затоа што верува дека Канада треба да направи големи промени, водена од силните вредности што ја владеат нацијата: понизност, амбиција и единство. Тој додаде дека ќе направи сè што е во негова моќ да ги одржи овие вредности. Опозицијата му честиташе:
Конзервативниот лидер Пјер Полиевр му честиташе на премиерот Марк Карни за неговата изборна победа, но истакна дека тој ќе предводи малцинска влада.
Тој, исто така, се чинеше дека ја исклучува можноста да поднесе оставка од функцијата лидер на конзервативците, и покрај тоа што ја водеше својата партија до изборен пораз што беше непредвиден до пред неколку месеци. „Ќе ми биде чест да продолжам да се борам за вас и да бидам застапник на вашата кауза додека одиме напред“, им рече Полиевр на своите поддржувачи. „Освоивме над 20 места, добивме највисок процент на гласови што нашата партија ги добила од 1988 година“, додаде тој. Поилиевре, исто така, вети дека ќе продолжи да се бори за Канаѓаните и нивното право на прифатливи станови и безбедни улици. „Свесни сме за фактот дека сè уште не сме стигнале до целта“, им рече Полиевр на своите поддржувачи во Отава. „Знаеме дека промената е неопходна, но промената е тешко да се спроведе. Потребно е време. Потребна е работа. И затоа треба да извлечеме поуки вечерва – за да можеме да имаме уште подобар исход следниот пат кога Канаѓаните ќе одлучат за иднината на земјата“, истакна тој.