Израел проценува дека преговорите меѓу САД и Иран најверојатно ќе завршат со договор, изјави израелски претставник за Џерусалим пост. Официјалниот претставник појасни дека Израел сè уште не знае дали договорот ќе ги исполни неговите барања – првенствено целосно демонтирање на постројката за збогатување ураниум или дали ќе биде повеќе како претходниот нуклеарен договор, кој Израел го сметаше за „лош договор“. Американскиот претседател Доналд Трамп изјави во неделата навечер дека нуклеарните преговори со Иран се одвиваат „многу добро“. „Мислам дека ќе се постигне договор.Ќе имаме нешто без да треба да започнеме со бомбардирање“, им рече Трамп на новинарите. Друга рунда разговори меѓу Иран и САД беше закажана за следната сабота, а израелски официјален претставник кој зборуваше за Џерусалим Пост рече дека верува оти рокот од 60 дена на Трамп за постигнување договор на крајот ќе биде продолжен.
Друг израелски функционер изјави за новинарите дека Израел е во постојан дијалог со Американците во врска со нуклеарните преговори. „Тоа не е еднонасочна комуникација, ние ги искажуваме нашите ставови. Има континуирана комуникација на многу нивоа. Не би препорачал избрзани заклучоци. Уверен сум дека САД се посветени да го спречат Иран да добие нуклеарно оружје“, рече претставникот. Во понеделникот, израелскиот министер за одбрана, Израел Кац, се сретна со членовите на Генералштабот на ИДФ, заедно со началникот на Генералштабот, генерал-полковник Херзи Халеви, и изјави дека нема да се дозволи Иран да добие нуклеарно оружје. Ќе треба да носиме одлуки и знаеме дека има такви кои ќе ги спроведат ако бидеме принудени да дејствуваме – изјави Кац.