Собранието вечерва ја отфрли интерпелацијата за министерот за внатрешни работи Панче Тошковски. „Против“ интерпелацијата гласаа 72 пратеници, 20 „за“, а немаше воздржани. Интерпелацијата што ја поднесе Левица, ја поддржаа СДСМ и ДУИ. Базирана е на десет основи, од кои пет се директно поврзани со трагичната несреќа во Кочани во која животот го загубија 62 лица, а близу 200 беа повредени. Расправата ја одбележаа меѓусебни обвинувања за институционални пропусти, политичка одговорност и неспособност во справувањето со безбедносните предизвици. Левица го обвини Тошковски дека несоодветно ја извршувал функцијата, постапувајќи нестручно, непрофесионално, несовесно и неодговорно поради што имало низа противзаконски дејствија, скандали и кадрови поместувања во МВР.
Министерот Тошковски во текот на расправата рече дека не се плаши од одговорност и оти останува на функцијата за да се соочи со вистината и да ги разјасни сите дилеми. Се осврна на сите точки од интерпелацијата, вклучително и трагичниот настан во дискотеката во Кочани, нагласувајќи дека во овој случај МВР нема направено пропуст. Тој потенцира дека лиценцата за дискотеката „Пулс“ била фалсификувана, а во однос на пиротехничките средства, нагласи дека МВР работи согласно закон.