Денес на 46-тата собраниска седница, каде се расправаше за интерпелацијата за министерот Панче Тошковски, на собраниската говорница се обрати и координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски. ,,Побарав процедурално бидејќи сакав накратко да се обратам до сите пратеници, но и до целата македонска јавност. Нема да ги дозволиме политичките профитери од опозицијата да ја злоупотребат, вулгализираат и да ја пренесат на улица трагедијата во Кочани и да си поигруваат со тажната судбина на овие луѓе“, изјави Мицевски.
Тој истакна и дека единственото решение е институционално и брзо решавање на случајот и ја информираше јавноста дека денес во 14:30 часот, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски ќе ги прими семејствата на загинатите од трагедијата во Кочани. ,,Единственото решение е институционално и брзо решавање на овој случај. За тоа работиме, за тоа се залагаме. Се’ останато е политичко некрофилство. Имено, ја информирам јавноста и вас пратениците дека министерот за внатрешни Панче Тошковски во 14:30 часот во министерството ќе ги прими и ќе оствари средба со семејствата на загинатите од трагедијата во Кочани. Од овие причини, барам 1 час пауза. А потоа ќе продолжиме со работа по интерпелацијата, за која што очигледно не ви е гајле, бидејќи тој што ја поднесе, прв замина и не е присутен на оваа пленарна седница“, прецизираше Мицевски.