Најмалку 14 лица, меѓу кои две деца, загинаа во индискиот град Калкута кога пожар зафати шесткатен хотел во градски округ, соопштија властите. Пожарот бил пријавен околу 20 часот и 15 минути и првично бил забележан во соба во близина на кујната на првиот кат од хотелот Ритурај, соопштија полициски извори, пренесе Ројтерс. Пламенот и чадот брзо ја зафатија целата зграда во централниот деловен кварт Бурабазар, а речиси сите од 45-те соби во хотелот беа зафатени, а во моментот на пожарот имаше околу 50 луѓе внатре. Повеќето од телата биле пронајдени на скалите на хотелот, а според министерот за противпожарна и вонредна служба на Западен Бенгал, Суџит Босе, смртта најверојатно била предизвикана од задушување. Досега се идентификувани осум тела.
„На местото на настанот денеска излегува форензичка екипа, а наредена е истрага за да се утврдат причините за пожарот. Истрагата ќе испита и зошто не функционирал системот за гасење пожар во хотелот“, рече Босе. Многу гости на хотелот успеале да побегнат навреме, но едно лице од страв скокнало од покривот и починало, изјави градоначалникот на Калкута Фирхад Хаким. Пет лица се спасени од нивните соби, околу 20 од покривот, додека некои се спасени од балкони, изјави за новинарите полицискиот комесар Маној Верма, пренесува Танјуг.