Утре е меѓународниот ден на трудот. Сојузот на синдикатите на Македонија излегува на протест за повисоки плати. Конфедерацијата на слободни синдикати (КСС) нема да се придружи оти веруваат дека предизвиците може да се решат само со социјален дијалог. Првиот човек на КСС, Благоја Ралповски информираше дека дијалогот ќе го водат на заедничка маса, но не на улица. За утре најавува дека ќе остане дома со семејството. -Секогаш решавањето на проблем доаѓа на маса низ социјален дијалог. Сега велиме дека имаме добар дијалог и затоа на ваков начин го одбележуваме Први мај. Кога ќе почувствуваме дека ќе бидат загрозени нашите права или ќе бидеме дискриминирани, бидете сигурни нема да го чекаме Први мај туку веднаш ќе излеземе на улица, рече Ралповски.
Претходно првиот синдикалец на државата, Слободан Трендафилов истакна дека кога работодавачите и Владата ќе ги зголемат платите, работниците ќе можат да си купат сендвичи, но и многу други работи за нивните семејства. -На утрешниот протест нема да се делат сендвичи, кажа претседателот на ССМ. Трендафилов обвини и дека дел од синдикатите соработуваат со власта. -За жал, само синдикалци може да направат штета на работниците и кога поддржуваат владини политики, секогаш е на штета на работниците. Тоа што го забораваат да го кажат колегите од другите синдикати, е дека прифаќаат далеку помали износи предвидено со закон и со Колективен договор, а ССМ нема да дозволи ниту еден работник да пати за зголемување на платите, додаде тој. Од ССМ нагласија дека доколку Владата ќе направи голема грешка доколку остане при методологијата за пресметка на кошничката со тричлено семејство бидејќи статистички бројки јасно покажуваат дека најбројни се четиричлените семејства.