Денеска во Кинотеката на Република Северна Македонија, официјално беше промовирана монографијата на акварелните дела на Карпош низ годините. Ова е прво издание на ,,Карпош низ годините преку уметноста”, во кое достапни се 200-ни ликовни дела на познати и еминентни академски уметници, кои ги оставија во трајно наследство на општина Карпош. Во изминатите години, уметничкото богатство грижливо и внимателно беше чувано во карпошовото депо, и оттука произлезе импозантна колекција на уметнички дела.
-Присуствувам на промоција на една едиција на дел од сликите што ги правеле уметници од целата држава па и од околните балкански земји, од Европа, од Латинска Америка од Азија кои учествувале на ликовните колонии во рамки на Карпошовото културно лето. Дојдовме до идеја дека овие значајни дела треба да ги заштитиме и урамиме. Ова е непроценливо богатство, имаме околу 400-на слики, а во оваа едиција има околу 200. Најавуваме и втора едиција во која што ќе бидат опфатени уметнички дела што ги направиле вредните раце на нашите уметници дел домашни и странски. Дел од нив, ги красат ѕидовите на нашите збратимени општини – истакна Јакимовски. Општина Карпош е поттикнувач на уметничкото творештво и синоним на трајни културни вредности.