Студентското собрание на Универзитетот во Тетово не е легитимно, а неговите членови се избрани нелегално. И покрај фактот дека последниот пат кога УТ организираше избори за претседател на ова тело беше во 2016 година, студентите се принудени да плаќаат по 100 денари секоја година за ова тело во рамките на универзитетот. Од УТ не одговараат, а од Министерството за образование и наука побараа да се почитува Законот за високо образование. И до Просветниот инспекторат пристигнале поплаки. Форумот за промени во образованието со оштри критики, пишува Порталб.мк. Студентското собрание на Универзитетот е најважното тело за студентите, чие функционирање, избор на членови и надлежности се регулирани со Законот за високо образование.
Законски, ова тело е составено од членови избрани со тајно гласање и ги претставува интересите на студентите. Во член 35 од Законот за високо образование пишува дека „Студентското собрание на Универзитетот ги штити интересите на студентите, преку свои претставници учествува во донесувањето на одлуки на универзитетските органи и ги претставува студентите во рамките на високото образование како членови на академската заедница“. Според законот, претседателот на Студентското собрание се избира со мнозинство гласови од членовите на студентските собранија на факултетите, кои претходно се избрани од студентите на соодветните факултети. Во член 37 од Законот за високо образование се вели дека „Претставниците на студентското собрание на факултетот се избираат на директни, фер и демократски избори со тајно гласање“.
УТ ги прекршил овие, и многу други законски одредби, оставајќи ги студентите без легитимен претставник од 2016 година. Денес Универзитетот во Тетово има и членови и претседател на Студентското собрание, но никој не знае како и кој ги избрал на овие позиции. На официјалните социјални мрежи на Универзитетот во Тетово, како претседател на Студентското собрание стои името на Ладон Мурсели. На официјалните социјални мрежи на Универзитетот во Тетово, како претседател на Студентското собрание стои името на Ладон Мурсели.

Порталб.мк го посети УT и разговараше со неколку студенти, од кои сите тврдеа дека никогаш не гласале за свои претставници во Студентското собрание. „Студирам на овој универзитет веќе 3 години, не, никогаш не сум гласал, бидејќи немало избори, никој не ме поканил да гласам, дури ни не знам кои се овие претставници“, рече еден од студентите, кој сакаше да остане анонимен. Од Универзитетот во Тетово за Порталб.мк велат дека Ладон Мурсели е вршител на должност претседател на Студентското собрание на Универзитетот. „Ладон Мурсели моментално е вршител на должност, а изборите за Студентското собрание сè уште не се распишани“, одговорија од УT, игнорирајќи го фактот дека Мурсели на оваа позиција е од 2023 година, а избори немало од 2016 година.

Според информациите, од 2016 година, на чело на Студентското собрание без ниту еден глас од студентите на оваа позиција била Елиеса Жаку, лице кое на некои фотографии се гледа како блиска до поранешниот ректор на УТ, Вулнет Амети. Секој септември студентите плаќаат по 100 денари за Студентското собрание На почетокот на секоја академска година, покрај таксата за пријавување на семестар, студентите на Универзитетот во Тетово мора да уплатат и по 100 денари за Студентското собрание. Во академската 2023/2024 година, на Универзитетот во Тетово се запишани 7.785 студенти, што значи дека овие нелегитимно и недемократски избрани лица управувале со 778.500 денари или околу 12.700 евра од студентите само во последната академска година. Се обративме до УТ и прашавме како е можно со оваа сума пари да управуваат луѓе кои не се избрани согласно Законот за високо образование, но не добивме одговор. Студентското собрание има право на глас во највисокото тело на Универзитетот, Сенатот
Законот за високо образование му овозможува на Студентското собрание да делегира членови со право на глас во највисокото тело во рамките на универзитетот, каде што се донесуваат најважните одлуки, Универзитетскиот сенат. Во член 36 од Законот за високо образование се вели дека „Студентското собрание избира претставници во Сенатот и другите универзитетски тела“. Во моментов на веб-страната на УT фигурираат тројца студенти како претставници од Студентското собрание во Универзитетскиот сенат, а кои се: Ладон Мурсели, Хана Хусејни и Сухејб Јакупи. Се обративме и до Просветниот инспекторат за тоа дали одлуките на Сенатот, за кои што гласаа овие нелегално избрани студенти, треба да се прогласат за неважечки, но сè уште не сме добиле одговор. Документите објавени на веб-страната на Универзитетот во Тетово потврдуваат дека последните избори за Студентското собрание на Универзитетот се одржале во 2016 година.
Форум за промени во образованието: УT итно да организира избори за Студентското собрание Од ФПО ова го оценија како скандалозно, и велат дека постојано добиваат поплаки од студентите на Универзитетот во Тетово. „Во ФПО постојано пристигаат поплаки од студентите на УT, во кои велат дека тие не гласале за нивните претставници во Студентското собрание и дека членовите се внимателно избрани од ректорот, што е скандалозно“, соопштија од ФПО. Тие велат дека до организираањето на изборите за Студентско собрание, за кои сметаат дека треба да се одржат итно, никој не треба нелегално да се самопрогласува за претседател. „Бараме итно да се распишат избори, прво за членови на Студентското собрание на факултетот, потоа за избор на претседател на Универзитетското студентско собрание, а дотогаш никој не треба да се самопрогласува за претседател, законот не го дозволува тоа“, велат од ФПО. Инаку, од ФПО нагласија дека за разлика од УT, сите други јавни универзитети во Северна Македонија организираат редовни избори за претставници на Студентското собрание на Универзитетот. Извор: Новиснака агенција МЕТА