Основното јавно обвинителство Скопје соопшти дека повело постапка против зетот на сестра на покојниот водител Зоран Василевски, попознат како Зоки Фаци. Зетот, кој вчера е уапсен, е осомничен дека подметнал пожари во викендичка во Катланово и во стан во скопската населба Ново Лисиче каде сега живеат неговите деца и поранешната сопруга, од која се разведува. Тој ќе одговара за предизвикување општа опасност, велат од ЈО.
За случајот вчера алармираше јутјуберот и долгогодишен пријател на Зоки Фаци, Стефан Лазаров, кој ги повика надлежните институции да го спречат насилството на кое подолго време биле изложени сестрата на Василевски и нејзините деца. „Осомничениот, на 2 мај во утринските часови, во викенд-куќа во селото Катланово и во стан во зграда во Скопје, кои се во сопственост на неговата сопруга со која биле разделени и со која водел бракоразводна постапка, со пожар предизвикал значителна опасност за животот на луѓето. Иако бил свесен дека поради неговото сторување може да настапи штетната последица, се согласил со нејзиното настапување и откако еден ден претходно телефонски се заканувал на оштетената и на нивниот син, на критичниот ден со бензин предизвикал пожар најпрво пред влезната врата на викенд-куќата“, соопшти ОЈО Скопје.
„Пожарот се проширил и во внатрешноста на куќата, а потоа осомничениот се упатил кон Скопје и на сличен начин предизвикал пожар пред влезната врата на станот. Откако ги сторил делата, ја известил оштетената дека ги опожарил двата објекти. Таа јавила на соседи во зградата кои почнале веднаш да го гасат и спречиле пожарот да се прошири кон другите станови од зградата. Ценејќи дека околностите под кои е извршено кривичното дело кое му се става на товар на осомничениот се одликуваат со изразита пресметаност и висок степен на кривична одговорност, како и дека постои реална опасност од бегство, јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка притвор“, се наведува во соопштението.
Зоран Василевски почина на 1 ноември лани, а само неколку дена по погребот, беше осквернавен неговиот гроб во Катланово.