38-годишна жена загина во грчкиот град Солун рано утрово, кога експлодирала бомба која таа самата сакала да ја постави на банкомат, јавија медиумите. Полицијата соопшти дека во тек е истрага за инцидентот.
„Се чини дека носела експлозивна направа и планирала да ја постави во банкомат на банка. Нешто тргнало наопаку и направата експлодирала во нејзините раце“, изјави висок полициски функционер за „Ројтерс“.
По експлозијата, жената со тешки повреди е пренесена во Хипократовата болница, пренесе „Катимерини“.
За време на нејзиниот транспорт, спасувачите на ЕКАБ се обиделе да направат кардиопулмонална реанимација, но таа била прогласена за мртва по пристигнувањето во болницата. Жената претходно била апсена и била во притвор, меѓу другото и поради грабежи. Според истите информации, полицијата располага и со видеоматеријал кој го поткрепува ова сценарио, пишува „Катимерини“.