Српскиот претседател Александар Вучиќ околу пладне е примен на Воено-медицинската академија (ВМА) во Белград, веднаш откако слетал на белградскиот аеродром од САД, објавија српските медиуми. Вучиќ на ВМА, како што пишува „Блиц“, го пречекале министерот за здравство Златибор Лончар и д-р Драган Динчиќ, кој бил лекар на поранешниот српски претседател Борис Тадиќ.
Здравствената состојба на Вучиќ, според медиумите блиски до власта, се влошила вчера, додека се подготвувал за договорените состаноци во САД. Тој веднаш побарал лекарска помош, а потоа и ја прекина работната посета и се врати во Белград. Засега нема официјални информации за природата на здравствениот проблем. Според информациите на „Танјуг“, на претседателот Вучиќ му се слошило во раните попладневни часови по локално време. Во тој момент, во просторијата со Вучиќ биле министерот за финансии Синиша Мали и медиумската советничка Сузана Васиљевиќ.