„Денешното ставање камен-темелник на делницата Тетово – Гостивар од Коридорот 8 уште еднаш ја разоткрива целата хипокризија, дволичност и лицемерие на ВМРО-ДПМНЕ. Токму проектот со „Бехтел и Енка” што тие со месеци го оцрнуваа, го блокираа и го нарекуваа „историски криминал”, денес со гордост го промовираат. Ако е „историски криминал” дали тоа значи дека ВМРО-ДПМНЕ влегува во криминал?“, реагираат од СДСМ откако премиерот Христијан Мицкоски денеска го означи почетокот на изградбата на автопатот Тетово-Гостивар.
„Едно е јасно, лицемерието на ДПМНЕ нема граници, но сепак добро е што продолжува реализацијата на стратешки проект на СДСМ. Подготвителните работи, вклучително геомеханички истражувања, проектирањето, усвојување на инфраструктурниот проект и обезбедување финансиски план за оваа делница од 17 километри, беа започнати токму во времето на претходната влада на СДСМ. Делницата е дел од вкупно 110 километри што ги опфаќа стратешкиот договор со Бехтел и Енка за кој ВМРО-ДПМНЕ велеше дека е криминален. Од пат со широчина од 17 метри, СДСМ ја предвиде и почна реализацијата на модерна автопатска делница широка 27 метри – вистински инфраструктурен напредок“, велат од партијата. „СДСМ инвестираше, градеше, ВМРО-ДПМНЕ кочеше. Но, вистината секогаш излегува на виделина. По 10 месеци владата на ВМРО-ДПМНЕ нема ниту еден свој инфраструктурен проект, единствено што прави е да ги доврши проектите на СДСМ“, додаваат од опозициската партија.