Денеска официјално започна изградбата на новиот автопат Тетово-Гостивар, проект за кој властите очекуваат дека ќе биде завршен до 2027 година. Патот ќе се протега на приближно 17,5 километри и ќе биде вреден 90 милиони евра. Овој нов сегмент е дел од поширокиот инфраструктурен план на Коридорот 8, наменет за подобрување на поврзаноста на земјата во насока исток-запад, велат надлежните.Автопатот ќе има две сообраќајни ленти во секоја насока, заедно со лента за итни случаи. Проектот вклучува и изградба на девет надвозници – осум за поврзување на локалните патишта со нова паралелна рута и еден за нова клучка што ги опслужува општините Боговиње и Врапчиште. Постојниот надвозник во близина на Тетово ќе се користи за реконструкција на излезната клучка од градот. Според Јавното претпријатие за државни патишта, оваа делница ќе го намали метежот и ќе ја подобри безбедноста во сообраќајот помеѓу Тетово и Гостивар, два клучни урбани центри во Полошкиот регион. Исто така, се очекува значително да го намали времето на патување и да ја подобри логистиката во регионот, кој често е оптоварен со густ сообраќај и застарена патна инфраструктура.
„Замислете, во еден момент на повеќе од 1.200 локации ќе се гради. Кажете ми кога вон историјата се случувало тоа во оваа наша заедничка татковина? На повеќе од 1.200 локации ќе се гради. Ќе ве потсетам дека зимоска како ниту една земја во регионот се пуштија три големи и конструктивни градежни проекти. Едниот којшто го поврзува центарот со истокот на земјата и е дел од Коридорот 8 којшто завршува до Крива Паланка, вториот е којшто го поврзува центарот на државата, експресниот пат којшто ги поврзува Градско со Прилеп и ќе ве потсетам првата делница од пругата која треба да ја поврзе Македонија со нашиот источен сосед и којашто претставува историски, стратешки проект дел од Коридорот 8, а којшто е еден од најважните два коридори коишто имаат приоритет на НАТО Алијансата и за којшто за време на НАТО Самитот во јули минатата година во Вашингтон министрите за одбрана на земјите членки коишто се дел од овој регион потпишаа договор дека ќе биде нивен приоритет“, рече на денешниот настан премиерот Христијан Мицкоски, кој заедно со американската амбасадорка Анџела Агелер официјално ги отвори работите на изградбата на автопатот.
Автопатот го гради американско-турскиот конзорциумот „Бехтел и Енка“, со кој беше потпишан договор откако претходната власт на СДСМ и ДУИ изгласа посебен закон со кој беше заобиколена постоечката законска рамка за доделување на јавни набавки. Градежните работи сега официјално започнаа по една година подготвителни процедури, вклучувајќи експропријација на земјиштето и геодетски истражувања.