Министерот за здравство и лидер на едното крило на Алијанса за Албанците, Арбен Таравари денеска беше на ист настан со своите поранешни партнери од коалицијата Вреди, лидерите Изет Меџити, Билал Касами и Фатмир Лимани и премиерот Христијан Мицкоски, откако беше исклучен од владината коалиција поради контакти со ДУИ. Тие беа дел од официјалното започнување на градежните работи на автопатот Тетово – Гостивар кој е дел од Коридорот 8, но како што јавува Телма, тој се поздравил само со премиерот Мицкоски, но не и со своите поранешни политички партнери.
После празничниот викенд Таравари треба да се сретне со Мицкоски кој треба да одлучи дали тој ќе остане дел од владата, за која премиерот тврди дека е стабилна. За разлика од денеска, Таравари вчера беше на настан во Слупчане каде беше и лидерот на ДУИ, Али Ахмети и се поздрави со него. На настанот вицепремиерот Изет Меџити порача дека тие како Влада не снимаат рекламни спотови и дека за разлика од минатото кога ништо не се градело, сега се градела иднината.
-Градиме патишта за нашиот народ. Коридорот 8 е повеќе од пат. Тоа е европска артерија што ги поврзува Јадранот со Црното Море, го поврзува срцето на Балканот. Нашата стратешка одлука е јасна: Македонија ја завршува својата делница и ја носи Европа на Балканот, а Балканот – во Европа – рече Меџити.