Али Ахмети да не се крие зад националистичката реторика бидејќи тоа е безидејна политичка злоупотреба а владата ја отфрла ваквата реторика на закани и ултиматуми велат од Владата за ТВ 24 по изјавата на лидерот на ДУИ, Али Ахмети дека ако поранешниот функционер од нивните редови Крешик Бектеши биде обвинет ќе излезат на улица и ќе останат таму се до избори.
-Владата ја отфрла реториката на закани и ултиматуми изразена од страна на лидерот на ДУИ Али Ахмети. Затскривањето зад национализмот е груба и безидејна злоупотреба на политички пензионираниот и поразен боксер кој и понатаму сонува за времето кога партнер му беше Заев , односно СДСМ, а страдаше државата. Ваква шизофренија политичка може само на ДУИ да им текне. Исто како што станаа зелена партија, а тонеа во корупција од загадена нафта и мазут , исто како што се колнеа на етнички вредности, а правеа криминал и коцкарници. Ова е очекувано однесување од ДУИ – рекле од Влада за ТВ 24.
Ахмети во изјава за „Слободен печат“ вчера порача дека ако ексминистерот за економија Крешник Бектеши биде обвинет за трагедијата во Кочани, ќе излезе на улица и нема да се врати додека не испровоцира со локалните да се одржат и предвремени парламентарни избори. Тој најави масовни протести за неселективна правда, за поддршка на Бектеши, но и поддршка на протестите на „ангелите“ организирани од родителите и блиските на загинатите од трагедијата во дискотеката „Пулс“ во Кочани каде што загинаа 62 млади и околу 200 лица беа повредени. Тој е дециден дека ако се чепне во албанскиот јазик ДУИ ќе повика на бојкот на локалните избори за да не се постигне цензус и гласањето да пропадне.