Седум лиценци за кабареа и по една за дискоклуб и дискоклуб на отворено одзело Министерството за економија и труд во периодот од 4 до 28 април годинава, покажува нивниот најнов Регистар, објавен пред три дена (30 април 2025 година). Причините не се детализирани, а одземените лиценци за кабареа се однесуваат на вакви угостителски објекти во Скопје, Куманово, Битола, Делчево и во Куманово. Два дискоклубови што останаа без лиценца се од Струмица, а едниот од нив е на отворено. Истиот Регистар покажува дека дури 35 барања за лиценци биле одбиени, а само една од нив датира од 27 февруари годинава, додека останатите се од периодот од 2018 година до сега. Инаку, од 2017 до 2025 година, МЕТ издало вкупно 205 лиценци за кабареа, дискоклубови и дискоклубови на отворено, покажува нивниот Регистар. Само петмина сопственици на кабареа ја продолжиле лиценцата за 2025 година. Лиценците се обновуваат секоја година, а најскапа е онаа за летна дискотека – 10.000 евра, иако нивната сезона е ограничена на три месеци. По трагедијата во дискотеката „Пулс“ во Кочани, Државниот пазарен инспекторат изврши масовни контроли дали сите објекти ги исполнуваат техничките услови, иако имаат лиценца. За оние што немаат лиценци или им се истечени, донесена е забрана за работа. Според Законот за угостителска дејност за да отворите кабаре – треба да платите од 2.500 до 5.000 евра во денарска противвредност, лиценцата за ноќен бар чини од 5.000 до 7.000 евра, за дискоклуб – 7.000 евра.
– Во согласност со Законот за угостителска дејност, лиценците за дискоклуб, дискоклуб на отворено, кабаре и ноќен клуб се со важност од една година и се издаваат врз основа на приложена документација и уплатен надоместок, во согласност со општинските и одлуките на Град Скопје. Доколку угостителскиот објект не ги исполнува минимално техничките услови и условите за јавен ред, мир и сообраќај (за кои доставува известување од МВР и Државниот пазарен инспекторат) и доказ за платен надоместок, му се издава лиценца во рок од 15 дена. Во случај да има негативно мислење од МВР (поради нарушување на јавниот ред и мир) или од ДПИ за неисполнување на МТУ, неговото барање се одбива – објаснија од Министерството за економија за „Слободен печат“. На една од многуте конференции за печатот во врска со проблематичните лиценци, премиерот Христијан Мицкоски во март истакна дека за 15 минути, за одредена сума се давале лиценци, а најави законски измени и заострување на условите за добивање вакви лиценца.
– Во 2007 година е сменет законот и во тие измени стоело дека документите што ги доставува правното лице што бара лиценца тврди под морална, материјална и кривична одговорност дека ги исполнува условите. Проблемот е што екс официо не се проверени тие документи, така што овој објект од 500 квадрати („Пулс“) не може по ниту една основа да биде кабаре и да бара лиценца за кабаре. Тука е дополнително проблемот правен затоа што за дискотеките сумата што што треба да се плати е поголема во однос на тие што се лиценцираат како кабаре – рече Мицкоски.
Инаку, Министерството за економија и труд треба да изготви измени и дополнување на Законот за угостителска дејност во насока проверката на минималните технички услови за работа да се врши пред издавање на лиценцата за работа, како што беше пред 2008 година.
– Овие измени ќе овозможат проверката на минималните технички услови за работа да се врши пред издавање на лиценцата за работа. Со тоа пријавата за исполнување на минималните технички услови за вршење угостителска дејност, пред да биде доставена како придружен документ во барањето за лиценцата ќе треба да има потврда за нејзината веродостојност од Државниот пазарен инспекторат – објасни министерот Бесар Дурмиши. Законот пропишува дека не смеете да отворите ноќен бар, кабаре или дискоклуб во деловна просторија што се наоѓа во колективна станбена зграда. Висината на надоместокот за лиценците ја определуваат советите на општините и Советот на градот Скопје. Половината од сумата за лиценци оди за општините, а другата половина легнува на сметката на државниот буџет. Министерството за економија 30 дена пред истекот на рокот на важноста на претходно издадена лиценца го потсетува носителот на лиценцата за периодот на нејзината важност.
– Ноќните барови и кабареата може да работат од 20 до 4 часот наредниот ден, во петок и сабота, спроти празнични денови и празнични денови, како и во периодот од 1 јуни до 31 август и во периодот од 25 декември до 15 февруари можат да работат од 20 часот до 5 часот наредниот ден, а на 31 декември до 20 часот наредниот ден, 1 и 2 јануари до 6 часот наредниот ден. Дискоклубовите без разлика дали се затворени или на отворен простор може да работат од 19 до 4 часот наредниот ден, во петок и сабота, спроти празнични денови и празнични денови, како и во периодот од 1 јуни до 31 август и во периодот од 25 декември до 15 февруари можат да работат од 19 часот до 5 часот наредниот ден, а на 31 декември до 19 часот наредниот ден, 1 и 2 јануари до 6 часот наредниот ден – пишува во Законот за угостителска дејност.