Просечниот купувач на автомобили не размислува од каде доаѓаат деловите за нивното возило, но производителите размислуваат. Затоа новата рунда американски царини, овој пат за автоделови, што стапува на сила денес, би можела да ја потресе автомобилската индустрија повеќе од претходните царини за увезени автомобили. Од 18:00 часот по македонско време, поголемиот дел од увозот на автоделови ќе подлежи на увозна давачка од 25 проценти. Претходните царини не влијаеја на автомобилите произведени во САД. Сега ситуацијата е поинаква, ниту еден од десетте милиони автомобили произведени минатата година во американските фабрики не е склопен без барем некои увезени делови. Новите царини за делови би можеле да ја чинат индустријата десетици милијарди евра, а трошоците на крајот би можеле да ги платат американските возачи, пишува CNN.
„Искрено, од моја перспектива, царините за делови изгледаат полошо за пошироката економија отколку царините за готови возила“, рече Џонатан Смоук, главен економист во „Кокс Аутомотив“, на вебинар организиран од Здружението на производители на автомобили. Според владини податоци, повеќе од 50 проценти од содржината на автомобилите склопени во САД е составена од увезени делови. Сепак, царините нема да важат подеднакво за сите овие увози. На пример, деловите од Канада или Мексико чии производители им плаќаат на работниците 16 долари на час или повеќе се сметаат за во согласност со трговскиот договор меѓу САД, Канада и Мексико (USMCA), кој беше договорен за време на првиот мандат на Доналд Трамп. Ова значи дека повеќето канадски делови ќе бидат ослободени од царински давачки, додека релативно малку мексикански делови ќе ја имаат таа привилегија.
Од минатата недела, производителите на автомобили што склопуваат возила во САД можат барем привремено да ублажат дел од новите трошоци. Белата куќа објави дека ќе врати до 3,75 проценти од цената на возилото како компензација за трошоците за царини на делови во првата година, кои би се намалиле на 2,5 проценти во втората година, а потоа би биле укинати. Но, дури и со тој поврат, дополнителните трошоци за царински давачки би можеле да бидат околу 3.700 евра по возило, според анализата на CNN врз основа на податоци од владата за трговија. За купувачите на автомобили, зголемувањето на цените можеби нема да биде веднаш очигледно. Извршната директорка на „Џенерал моторс“, Мери Бара, изјави за Си-Ен-Ен дека царинските давачки ќе ја чинат нејзината компанија помеѓу 3,7 и 4,6 милијарди евра оваа година, но не очекува цените да скокнат на краток рок. Извршниот директор на Форд, Џим Фарли, објави дека ќе ја продолжи промотивната понуда за „цени за вработените“ до 4 јули. Нема американски автомобил без увезени странски делови. Но, просечните Американци сè уште би можеле да го почувствуваат зголемувањето на цените на други места, на пример кај автомеханичарите.
„Царините за делови ќе ја зголемат инфлацијата во сегментите за поправка, одржување и осигурување, што влијае на секој Американец, а не само на оние кои размислуваат да купат нов автомобил“, рече Смоук. Според новите правила, секој автомобил составен во САД со 85 проценти делови што се во согласност со USMCA ќе биде ослободен од царина.
Проблемот е што речиси ниедно возило не го достигнува тој праг, според анализата на Френк Дубоа, пензиониран професор од Американскиот универзитет. Со децении, автомобилската индустрија функционираше како Северна Америка да е единствен пазар, при што деловите постојано се преместуваа помеѓу САД, Канада и Мексико речиси без царина. Утврдувањето на потеклото на содржината станува сè посложено, вели Дубоа, сè до детали како што се потеклото на маслото и антифризот. Освен канадските делови во вредност од 17,8 милијарди евра кои се претежно ослободени, повеќето други увезени делови нема да ја имаат таа привилегија. На пример, Мексико минатата година извезе делови во САД во вредност од 76,6 милијарди евра – убедливо најмногу од која било друга земја. Но, повеќето од тие делови не се во согласност со USMCA, па затоа ќе бидат предмет на царински давачки. Доколку сегашните царини (вклучувајќи ги и дополнителните давачки за кинески стоки) беа во сила минатата година, вкупната цена ќе беше околу 55 милијарди евра. Дури и со најавените правила за враќање на дел од парите, тој трошок би се намалил само на околу 37 милијарди евра. „Враќањето на дел од давачките е само обид лошата ситуација да се направи малку помалку лоша“, заклучува Смоук.