Консултативна дебата за состојбата на децата и адолесцентите во Северна Македонија се одржа денеска во Собранието на Република Северна Македонија, во соработка со УНИЦЕФ. Овој настан е прв од серијата активности што е договорена меѓу Собранието и УНИЦЕФ, со цел понатамошно унапредување на агендата за правата на децата. Претседателот на Собранието Африм Гаши, во своето обраќање, изрази задоволство што Северна Македонија има направено одредени значајни чекори во остварувањето на правата на децата, почнувајќи од ратификацијата на Конвенцијата за правата на детето и усвојување на различни законски акти. Но. Како што рече, сè уште имаме многу работа. Постојаните предизвици бараат зголемен ангажман, особено кога станува збор за децата со попреченост, насилството врз децата, здравствените услуги, образованието и дискриминацијата.
„Нелсон Мандела велеше: Вистинскиот карактер на едно општество се открива преку начинот на кој ги третира своите деца. Оваа порака нè потсетува дека инвестирањето во нашите деца не е само инвестиција во иднината на општеството, туку создавање основа на здравиот дух на тоа општество“, рече претседателот Гаши. Тој истакна дека секој граѓанин има улога во создавање подобар свет за децата, додека Собранието има обврска да обезбеди поправедно, поеднакво и побезбедно општество за најмладите. „Уверена сум дека заедно ќе продолжиме да напредуваме во остварувањето на правата на децата – преку донесување закони и буџети, обезбедување надзор над нивното спроведување и, најважно, преку нашето колективно лидерство и посветеност.
Инвестирањето во правата на децата не смее да се гледа како трошок – туку како инвестиција во децата денес и во иднината на Северна Македонија утре“, рече претставничката на УНИЦЕФ Лесли Милер. Таа истакна дека работата на УНИЦЕФ со Парламентот тука и низ целиот свет покажа дека правата и благосостојбата на децата ги обединуваат сите чинители, без оглед на нивната припадност на одредена политичка партија.„Парламентарците можат да станат важни застапници на правата на децата и оттаму тие имаат единствена можност да поттикнат поинклузивно, праведно и просперитетно општество за сите.“ Основа за денешната дискусија беше Анализата на состојбата на децата и адолесцентите во Северна Македонија, која беше спроведена со поддршка од УНИЦЕФ во 2024 година, за да се разгледа напредокот на земјата кон остварување на правата на децата и постигнување на Целите за одржлив развој и притоа ниедно дете да не биде запоставено.
Учесниците се вклучија во дискусија за напредокот што земјата го постигна во унапредувањето на правата на децата од ратификацијата на Конвенцијата за правата на детето во 1993 година до денес. Како и во дискусија за клучните области кои бараат континуирани напори, како што е нагласено во Заклучните забелешки за Северна Македонија на Комитетот за правата на детето на Обединетите нации. Овие препораки опфаќаат мерки во областите на координација, недискриминација, насилство врз децата, деца со попреченост, здравствените и образовните услуги. На крајот од консултативната дебата, учесниците се согласија да организираат дополнителни брифинзи со надлежните парламентарни комисии за да разговараат за областите за понатамошно усогласување на националното законодавство со одредбите од Конвенцијата за правата на детето.