Со пригоден настан во Собранието, Комисијата за култура и туризам го одбележа 5 Мај – Денот на македонскиот јазик, а по повод јубилејот 80 години од кодификацијата на македонскиот јазик. Настанот го отворија и се обратија Саранда Имери-Стафаи, претседателка на Комисијата за култура и туризам и Антонијо Милошоски, потпретседател на Собранието, а модераторка беше Велика Стојкова-Серафимовска, членка на Комисијата за култура и туризам. Имери-Стафаи потсети дека Комисијата за култура и туризам годинава ја усвои Програмата за одбележување јубилејни годишнини на значајни настани и истакнати личности за 2025 година, што го вклучува и одбележувањето на денешниот 5 Мај. Таа во својот говор истакна дека јазикот не е само средство за комуникација – тој е основата на нашиот идентитет и дел од нашата личнот. Прославата на ваков јубилеј како денешниот, не е само прослава на граматика или правописни правила – тоа е прослава на една цела култура.
Потпретседателот Милошоски го окарактеризира кодифицирањето на македонскиот јазик како круна на сите обиди на народот да го зачува јазикот кој го користел со векови и да му даде форма. Потребни се институции, книги, закони, инспекторати, но бадијала е сѐ ако нема борци за јазикот, а тоа се говорителите. Наречјата се богатството, фолклорот, мозаикот на македонскиот јазик и треба да се зачуваат. Ако јазикот е нашата татковина, татковината на јазикот е во нашите семејства – заклучи Милошоски. Модераторката Стојкова-Серафимовска се заблагодари за присуството на гостите во во одбележувањето на денешниот јубилеј во законодавниот дом, преку искажување љубов и почит кон јазикот како средство за пренесување на културата, меморијата, традицијата. Тематски обраќања по повод 80 години од кодификацијата на македонскиот јазик имаа пратениците: Иванка Василевска и Бисера Костадиновска-Стојчевска, членки на Комисијата за култура и туризам и универзитетски професорки и Бобан Карапејовски, заменик-член на Комисијата за култура и туризам и доцент на Катедрата за македонски јазик на Филолошкиот факултет.
Василевска се наврати на историските датуми за македонскиот јазик. На 5 мај 1945 година е објавена и озваничена македонската азбука со Решение за македонската азбука. Кодификацијата на македонскиот јазик е направена со Одлука на АСНОМ на 2 август 1944 година. Со Решение на Народната влада на Федерална Македонија е усвоена азбуката на македонскиот јазик, а на 7 јуни истата година е усвоен и правописот на македонскиот јазик. Македонскиот јазик осум децении е рамноправен јазик во Обединетите нации и се изучува на повеќе од 30 универзитети ширум светот – потенцира Василевска. Од словенскиот јазик, преку Охридската книжевна школа, Зографски, Мисирков, Конески, до ден денеска, македонскиот јазик влече милениумски континуитет. Во историјата на човештвото 80 години се миг, но добивањето на целосната светлина за една нација, преку мудроста, која се пренесува преку писмото, заокружувајќи една етапа пред 80 години, ги прави овие осум децении за македонскиот народ, еден цел универзум – рече Карапејовски. Костадиновска-Стојчевска се осврна на значењето на минатогодишното носење на Законот за употреба на македонскиот јазик, како пример за изработка на еден правен акт, коj донесе многу придобивки, ги прецизира и проширува сферите на употреба. затоа што македонскиот јазик не е загрозена категорија, туку е жив, тој е наша посебност, обележје, татковина.
За младите и употребата на македонскиот јазик зборуваа Владимир Мартиновски, декан на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“; Валентина Николовска, наставничка по македонски јазик во ОУ „Гоце Делчев“ – Гостивар и Јулијана Величковска, писателка, поетеса, организаторка на „Поетска ноќ во Велестово“ и „Скопски поетски фестивал“. Деканот Мартиновски истакна дека пред осум децении многувековниот сон на македонскиот народ е остварен, токму со учество на младите, a иднината на секој јазик е тесно поврзана со младите говорители. Како што вели Блаже Конески, чие име го носи Филолошкиот факултет три децении, „нашиот јазик се кове најмногу во ковачницата на преведувањето“, а македонскиот јазик има капацитет за на него да се преведат најголемите светски дела. Наставничката Николовска оддаде признание за сите просветни работници кои ја пренесуваат љубовта кон македонскиот јазик на идните генерации. Како симбол на нашата култура и национален идентитет, македонскиот јазик треба да се негува и збогатува, посебно на маргините на дигиталниот свет, кога во трката по новото се заборава нашето, и тие нови форми не се само игра на зборови, туку нов начин на изразување кој го потиснува стандардниот македонски јазик, а јазикот не умира одеднаш, туку полека избледува. Да покажеме дека модерното и традиционалното може да одат заедно, да се врати македонскиот јазик во срцата на младите во полн сјај. Ако младите го зачуваат, тој ќе не зачува нас – порача гостиварската наставничка.
Поетесата Величковска, и самата како дел од младите, истакна дека во денешниот модерен свет, кога сè е во постојан тек, во премин, во пресоздавање, кога границите се бришат, а јазиците се сè поизложени на влијанија и трансформации, потребата суштински да се зачува македонскиот јазик, станува прашање од идентитетска важност. Затоа, треба да ни е јасно дека грижата за мајчиниот јазик е една бескрајна битка. Јазикот не е само средство за комуникација, туку и начин за толкување на чувствата, на доживувањата. Тоа е јазикот на кој сакаме, протестираме, се радуваме, сонуваме, тагуваме. Младите имаат и љубов и желба и волја да создаваат на македонски, но треба да им се обезбеди институционална, културна и политичка поддршка. Затоа, преку зборовите на Мисирков, да се запрашаме: „Шчо напраифме и шчо требит да праиме за однапред?“. На овој 5 мај, учесниците посакаа уште многу јубилеи на македонскиот јазик да се прослават во храмот на демократијата.