Демократијата мора да биде еден од основните столбови на образовниот систем. Образовниот процес е алатка за стекнување вештини и знаења, но мора да насочува и кон критичко размислување, кон развивање на одговорност, свесност за човековите права и обврски, кон конструктивност и почитување. Ова го истакна министерката за образование и наука проф. д-р Весна Јаневска на завршната работилница „Зајакнување на училиштата за демократско образование – постигнувања и резултати“, во рамки на проектот „Квалитетно образование за сите“ кој Советот на Европа го имплементира од 2023 година, со финансиски средства од СР Германија.
„Драго ми е што Македонија во развој на демократското образование, има за партнери значајни меѓународни фактори кои помагаат во развивање на демократската клима и инклузивноста на училиштата и општините. Сакам искрено да им се заблагодарам. Очекувам искуството кое го стекнаа училишните раководства, наставниците и учениците, да го пренесат и на други училишта и сето тоа да помогне во градење стабилно и мирно општество“, рече Јаневска. Министерката посочи доколку 25те училишта кои беа дел од двегодишниот проект имаат идентичност во искуствата околу градењето на демократски систем на управување и иновативност од аспект на вклучување на учениците во носењето на одлуки, форми на нивно организирање за остварување на права и слично, тоа би можело да биде интегрирано во постојните законски решенија. „Како Влада сме отворени за соработка и велиме дека секогаш постои простор за унапредување на образованието, од сите аспекти. Секоја позитивна пракса или иницијатива е добредојдена“, додаде Јаневска.