Во рамките на неколкудневната официјална посета на Република Турција од страна на македонската делегација предводена од министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска, директорката на Управата за јавни приходи Елена Петрова оствари серија важни работни средби со претставници на турската Влада, Министерството за трезор и финансии и даночната администрација на Република Турција.
На билатералната средба со министерот за трезор и финансии Мехмет Шимшек и директорот на турската даночна администрација Бекир Бајракдар беше договорена тесна и директна институционална соработка помеѓу двете даночни администрации, во насока на директна размена на информации за даночни ризици, заеднички даночни контроли и заеднички активности за мониторирање на активностите на поврзани даночни обврзници. Утврдена беше потребата за идна соработка преку размена на добри практики и знаења, особено во доменот на дигитализација на даночните процеси, поддршка при јакнење на институционалните капацитети преку обуки и техничка соработка.
На работниот состанок директорката на УЈП Елена Петрова истакна дека соработката помеѓу двете даночни администрации ќе овозможи продлабочување на соработката меѓу земјите со цел следење на даночните предизвици во глобално поврзаната економија. „Длабоко веруваме дека во денешниот глобален економски амбиент клучна е блиската и координирана соработка помеѓу даночните администрации. Само преку размена на релевантни податоци, заеднички контроли и институционална поддршка можеме ефикасно да го заштитиме даночниот систем од злоупотреби и истовремено да изградиме предвидлива и правична средина за сите обврзници. Договорената рамка на соработка со турските институции претставува значаен чекор за заштита на даночните приходи на двете земји и заедничката борба против даночната евазија.“
Делегацијата оствари средба и со министерот за трговија на Турција, Омер Болат, при што беше разговарано за обновување на меѓусебните договори согласно новите стандарди, како чекор кон унапредување на економските односи, привлекување инвестиции и зголемување на трговската размена. Во завршницата на посетата, македонската делегација учествуваше на Евроазискиот економски самит во Истанбул, каде свое обраќање имаше министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска која истакна дека Македонија, како мала и отворена економија, силно ги чувствува глобалните економски случувања, особено оние во Европа, и токму затоа политиките на Владата се насочени кон краткорочна поддршка на домашната економија со цел ублажување на надворешните влијанија и зголемување на нејзината конкурентност. Министерката Димитриеска-Кочоска нагласи дека Македонија негува пријателски односи со Турција, која е значаен поддржувач на реформските процеси што водат кон стабилен и одржлив економски просперитет.