Министерката за образование и наука Весна Јаневска соопшти дека во најкраток рок ќе биде надминат проблемот на студентите на кои овој месец им било прекинато правото на субвенциониран студентски оброк зашто примаат семејна пензија поради починат родител. По реакции од студенти, Јаневска изјави дека ја добила информацијата и оти се работи за 181 студент кои „по овој основ овој месец не добиле студентски оброк“. Министерката вели дека проблемот се решава и ќе биде надминат во најбрз рок, притоа посочувајќи дека има и други студенти кои биле одбиени по друг основ.
-Ја добив таа информација, Настанат е проблем во соработката со други институции и ние во моментов активно го решаваме тој проблем за да видиме што де факто се случило. Има и други студенти кои се одбиени по друг основ. Меѓутоа, ова ќе го решиме во најбрз можен рок, значи уште во текот на денот-, рече Јаневска одговарајќи на новинарско прашање пред отворање на работилница за училишта Министерката напомна дека студентите имаат право секој месец да се пријавуваат за субвенцијата студентски оброк. Мај е последен месец за оваа академска година, а следниот повик ќе биде во септември.