Грчката полиција во Солун уапси 28 лица, обвинети дека се членови на криминална организација која дејствувала под „плаштот“ на крајно десничарски колектив, вршејќи акти на насилство со расистички карактеристики, грабежи, кражби и низа други нелегални дејствија. Меѓу уапсените, членови на крајно десничарската организација наречена „Националистичка младина на Солун“ или „Одбрани го Солун“, се и неколку малолетници кои биле „регрутирани“ од нејзините постари, возрасни членови. Според грчките медиуми риближно половина од уапсените се малолетници, додека друг малолетник беше идентификуван, но не беше уапсен бидејќи е во странство.
Апсењата беа извршени вчера за време на голема полициска операција во Солун. Неколкумесечната истрага што ѝ претходеше ја идентификуваше нивната вмешаност – без разлика дали како физички или морални поттикнувачи или како едноставни соучесници – во кривични дела извршени од септември минатата година до март оваа година. Истрагата открила и вмешаност на некои од членовите на бандата и во претходни инциденти, како што е оној во септември 2021 година во западен Солун, кога членови на студентски групи беа нападнати за време на антирасистички протест пред училиште, пренесува АПЕ. Полициската истрага, која траела неколку месеци, открила дека вклучените лица користеле одредена онлајн платформа за меѓусебна комуникација, додека одржувале повеќе профили на социјалните мрежи, преку кои во неколку случаи ја промовирале својата крајно десничарска реторика и своите „достигнувања“.