Тројца криминалци од Албанија барани со потерници од матичната земја се уапсени во Дубаи, соопшти албанската полиција. Според медиумите уапсени се Ервис Дака, Максим Кочи и Адо Џика, во рамките на операцијата со кодно име „Бараните“, а во врска со бараниот криминалец Тало Чела кој е осуден на 18 години затвор поради грабежот на милиони евра на меѓународниот аеродром Ринас, кој се случи на 9 април 2019 година.
Сите тројца имале изречена мерка „затворски притвор“ од страна на Специјалниот суд (ГЈОККО) во 2024 година и се вклучени во активностите на структурирани криминални групи. -Тројца граѓани вмешани во сериозни кривични инциденти против лицето и поддржувачи на многу бараниот Т. Ч., беа уапсени во Дубаи. Како резултат на размена на информации во реално време и постојана координација на оперативните дејствија меѓу специјализираните структури на Државната полиција и агенциите за спроведување на законот во Обединетите Арапски Емирати, спроведени преку структурите на Интерпол, во Дубаи беа финализирани уште 3 фази од операцијата „Бараните“, соопшти албанската полиција.
Според соопштението Е.Д.,(38), е обвинет за обид за убиство со умисла и од Кривичниот суд на Косово, во 2024 година добил мерка притвор, М.К. (39), исто така е обвинет за убиство со умисла, обезбедување услови за убиство, нелегално поседување оружје и помагање на сторителот на кривичното дело. Според властите, тој учествувал во убиството на граѓаните К.К. и И.А., планирал други атентати и му помогнал на Тало Чела да се скрие. 40-годишниот А.Џ. е обвинет за помагање на сторител на кривично дело, односно 2 години го чувал и му помагал на Т.Ч. да се крие, а придружувал и еден новинар, со цел да го интервјуира Чела. „Интерпол Тирана продолжува да соработува со колегите, со цел екстрадиција на овие граѓани во Албанија“, соопшти полицијата.