Во рамки на официјалната посета на собраниска Делегација на Италијанската Република, генералната секретарка на Собранието Марина Димовска оствари средба со Фабрицио Касталди, генерален секретар на Домот на пратеници на Парламентот на Италијанската Република.
Димовска истакна дека македонското Собрание контиунуирано цели да го иновира своето работење согласно модерните текови и парламентарни стандарди, затоа што целта на раководството и Службата е Собранието да биде на ниво со парламентите со европските држави. Димовска подвлече дека денешната средба може да отвори ново поглавје на соработката меѓу службите на двата Законодавни дома, преку ефектуирање на Протоколот за соработка меѓу службите и размена на искуства и најдобри практики во заедничките сфери од интерес, како унапредување на законодавните процеси, дигитализацијата и примената на вештачката интелигенција во законодавните процеси.
Г. Касталди подвлече дека Протоколот за соработка е значаен и за Италијанскиот Парламент, особено затоа што ниту една парламентарна служба сама не може да се справи со сите предизвици, секоја служба, без разлика колку е стар парламентот треба да цели на унапредување на својата улога и професионалност преку комуникација и соработка со служба од други парламенти. Касталди предложи имплементацијата на Протоколот да биде по примерот на Протоколите кои Италијанскиот Парламент ги има потпишано со неколку европски парламенти. Соговорниците се согласија дека преку конципирање и конкретизирање на активностите кои ќе започнат на ниво на служба во периодот кој следи, ќе се овозможи размена на искуства и експертиза,надградба на знаењата и проширување на институционалната меморија на службите кои се во линија со заложбите на Парламентарните служби успешно да се справат со секој предизвик во нивната работа.