Напаѓачот кој околу 21 часот застрела млад човек во кафуле на плоштадот во Штип и избега, вечерва бил гонет од полицијата по автопатот кон Скопје, а во драматичната потера полицајци пукале кон неговиот автомобил, објави „24 инфо“. Според неофицијалните информации на порталот, автомобилот бил забележан пред патарината кај скопското село Миладиновци, а бегалецот не запрел на знакот на полицијата и ја пробил рампата продолжувајќи да вози со голема брзина. Полицајците реагирале и отвориле оган кон автомобилот, во обид да го запрат. „БМВ“-то, очигледно оштетено, е пронајдено неколку километри кон Скопје, пред влезот на индустриската зона. Нема информации дали напаѓачот е погоден од полициските куршуми, дали е фатен или сè уште е во бегство.
Штипските медиуми вечерва објавија вознемирувачка снимка од нападот со пиштол во штипското кафуле. Според неофицијални информации кои ги објавија штипските локални медиуми, напаѓачот, како и жртвата во пукањето, се турски државјани кои студираат во Штип. Ранетиот млад човек е пренесен во болница, а неговата здравствена состојба засега не е позната.