Цела деценија незавршени бетонски конструкции, оставени на милост и немилост на времето, со години нагрдуваат дел од универзитетскиот кампус во центарот на Скопје. На местото каде што требаше да никнат современи згради за Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ) и за Факултетот за физичко образование, спорт и здравје, стојат објекти во состојба на карабина, обраснати со треви и со нагризани ѕидови, сведоштво за стопираниот процес што трае од 2019 година. Оваа слика, која не само што го нарушува изгледот на градот, туку и го симболизира застојот во развојот на високото образование, конечно би можела да се промени. По долгогодишна пауза, надлежните институции најавуваат нов обид за продолжување на изградбата и заокружување на проектите, чија реализација досега е далеку од предвиденото.
Информацијата дека конечно би можело да продолжи изградбата на новите објекти за ФИНКИ и за Факултетот за физичко образование, спорт и здравје наиде на позитивни реакции кај студентите. Дел од нив велат дека по години чекање, конечно добиваат надеж дека наставата ќе се пресели од импровизираните простории во современи услови какви што заслужува најголемиот универзитет во земјата. Особено студентите на ФИНКИ, кои со години се соочуваат со пренатрупани предавања и недостаток од соодветни сали за практичните вежби, ја поздравуваат иницијативата за продолжување на проектот што е во застој од 2019 година. Еден од нив е студент на прва година, кој се надева дека до крајот на неговото школување, наставата конечно ќе се одвива во нов објект.
„Сега учиме во бараки, каде што има два амфитеатри, од кои едниот е поголем, но бројот на студенти е огромен. Често стотина, па и повеќе студенти од различни програми слушаат предавање во тој простор, кој иако е навистина голем, не е баш пријатно место за повеќечасовно седење. Дел од предавањата ги следиме на Факултетот за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ) и на Технолошко-металуршкиот факултет (ТМФ), а дури и бифето на ФЕИТ го користиме бидејќи немаме свое, па таму се дружиме додека чекаме некое предавање. Се надевам дека можеби јас ќе бидам меѓу првите генерации кои барем дел од студиите ќе ги завршат во нова зграда“, вели Сергеј Б., студент на ФИНКИ. И студентите кои веќе се на крајот од студиите ја поздравуваат веста, надевајќи се дека идните генерации ќе имаат подобри услови од нив. Студентка која скоро дипломираше на ФИНКИ вели дека новите објекти се повеќе од неопходни, особено заради практичниот дел од наставата кој бара присуство на лице место.