На почетокот на наредната недела најверојатно ќе се знае кој ќе биде предлогот на претседателката Гордана Силјановска Давкова за избор на новиот гувернер на Македонија, за кој во Собранието треба да се гласа на 21 мај оваа година. Според сознанијата на Фактор, законските рокови не се надминати, така што, доколку предлогот се достави на почетокот на следната недела, тоа би било сосема коректен термин за народните избраници да изградат свој став за кандидатот за прв човек на момнетарната власт, со неговите стручни знаења и способности, но и со пограмата според која би работел во својот мандат во следните седум години, колку што трае мандатот на гувернер на централната банка.
Она што останува за следните неколку дена е да се направат сите потребни финални консултации, за првата дама на земјава да донесе конечна одлука кој би бил претендентот за човек кој во следните седум години ќе се бори со инфлацијата и ќе го чува девизниот курс на домашната валута на земјава. Чисто како информација, во недела претседателката ќе го прослави и својот роденден. Како што објави Фактор, во игра се четворица кандидати, и тоа актуелната гувернерка Анита Бежоска Ангеловска, која има право на реизбор и за следните години, потоа поранешните министри за финансии, Зоран Ставрески и Трајко Славески, како и за Маја Кадиевска Војновиќ, актуелна членка на Надзорниот одбор на КИБС. На анкетите за можен гувернер се споменува и името на професорот Борче Треновски. Овие имиња биле ставени и на анкети меѓу граѓаните, а кои треба да и помогнат на владејачката гарнитура да го направи најдобриот избор за компетентен кадар кој треба да седне на оваа престижна функција.