Синоќа во МКЦ се одржа хуманитарниот концерт на Тамара Тодевска, на кој средствата од продажбата на билетите се наменија за семејствата на настраданите младинци во пожарот во Кочани. Првичната најава на Тамара дека ќе пее хуманитарно за Кочани, беше дочекана со поделени реакции во јавноста. Додека едни ја дочекаа ,,на нож” со обвинувања дека не е време за песна по трагедијата, други и дадоа поддршка, со порака дека секој на свој начин треба да придонесе во тешките времиња, конкретно, музичарите – со своето најсилно оружје, музиката.
За гардеробата пак, бил задолжен дизајнерот Александар Ношпал, долгогодишен соработник на Тодевска, кој исто така ја изработи и тоалетата со која таа настапи на Евровизија во Тел Авив во 2019 година и и го донесе на Македонија највисокиот пласман, прво место според поени од жири, односно седмо место на музичката манифестација.
Поддршка на вчерашниот концерт имаше и од Ненад Врзалски од Кочани, кој е дел од кампањата ,,Support Kochani”. Донациите за семејствата од Кочани се од голема важност, посебно за повредените младинци, чија рехабилитација може да трае и со години, а музиката е моќно оружје кое не секогаш значи веселба и забава. Во случајов, Тамара покажа дека со концертот, не само што се искажа тагата и се оддаде почит на жртвите, помеѓу кои има и нејзини колеги, туку се даде и придонес во собирањето на финансиска помош за оние на кои сега им е најпотребна.