Тешките времиња може да бидат можност за да извлечеме вистински лекции, да се посветиме на дела и да ги подобриме работите на долг рок. Токму ова го направија основачите на ЕУ пред 75 години. Токму ова го бараат граѓаните на ЕУ. Токму ова го бараат и граѓаните на Северна Македонија, особено младите. Во првите девет месеци од мојот престој во земјата, се среќавав многу често со млади, каде и да патував. Тие беа едногласни, не гледаат друга иднина освен да станат граѓани на семејството на ЕУ, порача евроамбасадорот Михалис Рокас вчера на приемот по повод 9 Мај – Денот на Европа, кој се одржа во Музејот на современа уметност во Скопје.
На приемот, на кој присустуваа претседателката Гордана Сиљановска Давкова, министри, градоначалници, пратеници, амбасадори на земји-членки, на други држави, претставници на медиумите, евроамбасадорот потенцира дека оваа година Денот на Европа се одржува помалку од два месеци по невидената трагедија во Кочани, во услови на континуирани геополитички превирања, но и во време на заедничка посветеност и видливи чекори за подобрување на работите – за земјата и за Европа како целина.
Тој истакна дека во сржта на Шумановата декларација е аспирацијата за заедничка работа, за постигнување на заемни вредности и солидарност, за доброто на граѓаните. -Солидарноста е белег на местото каде се одржува овој прием. Меѓународната уметничка заедница собра импресивна колекција уметнички дела во знак на солидарност со Скопје по катастрофалниот земјотрес во 1963 година. Тие подоцна најдоа дом во ова извонредно здание, изградено како дел од меѓународната акција за солидарност за обнова на градот. Солидарноста ги одбележа и првите часови по најтрагичниот настан во поновата историја на земјата – пожарот во Кочани. За неколку часа, 115 повредени со тешки изгореници беа пренесени на лекување во земји-членки на ЕУ и земји-партнери. Механизмот за цивилна заштита на ЕУ и брзата билатерална акција во тие тешки моменти повторно се покажаа како моќни инструменти на европската солидарност. Издигнувајќи се над разликите од каков било вид. И помагајќи да се спасат животите на повеќето од повредените – единствената утеха што можеме да ја имаме по загубата на 62, претежно, млади луѓе, истакна Рокас.