Велат дека се чудни патиштата Господови, но ништо помалку чудни не се ниту патеките на модерните политички движења. Доказ за тоа се актуелните состојби во Србија. Студентите од Србија ја прошпартаа целата земја и попатно направија велосипедска тура до Стразбур, Франција, за да ги запознаат пратениците на Европскиот парламент со проблемите на авторитарното општество во кое живеат, а деновиве го реализираат и ултрамаратонот до Брисел, каде што имаат намера да ги запознаат и евробирократите од Европската комисија со истите проблеми. „Најдолгиот пат“ на Вучиќ до Москва беше нашироко пренесуван во македонските медиуми, речиси од час во час. Кога станува збор, пак, за словачкиот премиер Фицо, домашните медиуми го истакнуваат неговиот „пркос наспроти заканите од Европската Унија“, нарушувајќи ја заедничката надворешна политика на Унијата кон Русија и нејзината целосна инвазија врз Украина последниве три години Пишува: Стојан Синадинов
Велат дека се чудни патиштата Господови, но ништо помалку чудни не се ниту патеките на модерните политички движења. Доказ за тоа се актуелните состојби во Србија. Студентите од Србија ја прошпартаа целата земја и попатно направија велосипедска тура до Стразбур, Франција, за да ги запознаат пратениците на Европскиот парламент со проблемите на авторитарното општество во кое живеат, а деновиве го реализираат и ултрамаратонот до Брисел, каде што имаат намера да ги запознаат и евробирократите од Европската комисија со истите проблеми. Во истиот тајминг – некои ќе речат историски момент заради сериозноста на ситуацијата – српскиот претседател Александар Вучиќ со авионот се „пробива“ низ наводните и невидливи бариери на неговиот пат кон Москва, каде што по секоја цена сака да присуствува на Парадата на победата на 9 Мај и да се сретне со рускиот претседател Владимир Путин. Вучиќ и словачкиот премиер Роберт Фицо се меѓу ретките европски лидери кои ќе присуствуваат на воената парада во Москва по повод Денот на победата 9 Мај, наспроти предупредувањето на Европската комисија дека овој настан е класична руска пропаганда која се обидува да ја оправда руската воена инвазија врз Украина и нејзина „денацификација“.
Медиумите на 7 мај започнаа со извештаите дека балтичките земји им забраниле прелет на авионите со кои Вучиќ и Фицо сакале да отпатува за Москва. Литванскиот претседател Гитанас Науседа соопшти дека Литванија и Естонија им забранила прелет на авионите на Вучиќ и Фицо. Авионот на српската влада сепак слета во Москва на 7 мај по заобиколна маршрута. Авионот во кој се наоѓаше Вучиќ прво слета во Баку, Азербејџан, каде што чекаше дозвола да го продолжи своето патување поради „непријателства меѓу Русија и Украина“…, јави „Европска Правда“. Самиот Вучиќ подоцна ја објасни маршрутата на неговиот авион. Тој изјави: Обично, владината воздухопловна служба најавува прелети над одредени земји. Луѓето се прашуваа ако Полска го дозволила тоа, зошто не одиме во Белорусија. Па, не можете, не даваа никакви коридори, а потоа знаеја дека Литванија ќе дојде по нив и ќе го забрани. Знаев дека Естонија ќе го каже истото, дури и не прашавме. Потоа минавме низ Бугарија, Турција до Азербејџан, низ Грузија, а потоа се вративме во спротивен правец, преку Каспиското Море, не поблиску до Црното Море. Тој коридор ни беше ставен на располагање. Сè уште има опасности на руска територија. Едвај добивме дозвола од руските власти да прелетаме. И им благодариме за тоа, пренесе македонски медиум.
Српскиот претседател, свесен дека Европската комисија предупреди дека годинешната јубилејна прослава на Денот на победата во Москва е руска пропаганда која се обидува да ја оправда руската воена инвазија врз Украина и нејзина „денацификација“, се жали дека Европа не ги разбира интересите на Србија и ѝ се закануваат. Наместо да се однесуваат кон нас со разбирање и попустливост, како мала нација на која ѝ нанесоа голема неправда, одземајќи ѝ 14 проценти од територијата, денес тие имаат свои интереси и ни велат: ‘Не се враќајте во минатото гледајќи го минатото’, се пожали Вучиќ. „Најдолгиот пат“ на Вучиќ до Москва беше нашироко пренесуван во македонските медиуми, речиси од час во час. Кога станува збор, пак, за словачкиот премиер Фицо, домашните медиуми го истакнуваат неговиот „пркос наспроти заканите од Европската Унија“, нарушувајќи ја заедничката надворешна политика на Унијата кон Русија и нејзината целосна инвазија врз Украина последниве три години. Но, може да се примети речиси восхитувачкиот тон во одредени македонски медиуми што Фицо „ја заобиколил речиси пола Европа“ само за да стигне кај Путин, патувајќи речиси по истите воздушни коридори како Вучиќ. Слично како и во случајот со српскиот претседател, домашните медиуми известуваа за саатницата од патешествието на Фицо и неговите жалби дека авторитетите од ЕУ – чија членка е неговата земја, да нема забуни! – сакале да ја саботираат средбите со руските официјални лица (овде, овде, овде, овде, овде).
И просторот на социјалните мрежи е добро пополнет со информации за посетата на Вучиќ на Москва, илустрирани со видео од неговото обраќање на Црвениот плоштад (овде), потоа и за тоа со каков авион безбедно долетал во Москва (овде), а домашните медиуми известуваат и за неговиот „пркос“ (овде), но и за неговата здравствена состојба (овде), откако српскиот претседател ненадејно ја прекина неговата бомбастично најавувана посета на Доналд Трамп во неговата приватна резиденција на Флорида пред неколку дена. Од друга страна, руските медиуми ја шират пропагандата – и преку порталите во регионот – дека Вучиќ и Фицо се служат со итроштини, па всушност морале да симулираат дека имаат здравствени проблеми, сè со цел да го одвратат притисокот од ЕУ врз нив и да отпатуваат во Москва во последен момент.
Вучиќ не пропушти да направи несмасна историска паралела за долготрајноста на неговото патешествие, изјавувајќи дека патувал подолго отколку што своевремено Винстон Черчил, Френклин Рузвелт и Јосиф Сталин патувале до Јалта. Тројцата лидери од периодот на Втората светска војна и победници над фашизмот на Јалта ја одржале тн. Кримска конференција, на која разговарале за повоената денацификација на Германија и реорганизација на Европа. И покрај апелите на демократските европски земји да не ѝ се дава легитимитет на руската воена агресија врз Украина со посета на московската парада, Вучиќ, ете, стигна кај Путин, за што веднаш се пофали со видео од средбата на неговиот инстаграм профил. Како и да е, годинешната воена парада во Москва никако не може да се изедначи со историската Кримска конференција, иако Русија со воената агресија врз Украина би сакала да влијае врз некоја нова поделба на сферите на интерес во Европа и светот. Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар Извор: Новинска агенција МЕТА