Од Основното јавно обвинителство Штип информираат дека е донесена наредба за спроведување истражна постапка против вкупно 5 лица за пукањето во кафе – бар во Штип, во кое животот го загуби 25-годишен турски државјанин кој студирал во Македонија.
-Основното јавно обвинителство Штип донесе Наредба за спроведување истражна постапка против вкупно 5 лица, од кои првоосомничениот како директен извршител на кривично дело – Убиство од член 123 став 2 точка 4, како и Неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или експлозивни материи од член 396 став 1 од Кривичниот законик. Останатите четворица се осомничени за – Помагање на сторителот по извршено кривично дело од член 365 став 3 во врска со став 1 од Кривичниот законик- се наведува во соопштението на обвинителството. Сите осомничени се турски државјани, од кои тројца имале пријавено престојувалиште во Штип, додека извршителот на убиството и еден од помагачите биле без пријавен престој во државава. Постои основано сомнение дека првоосомничениот 21-годишник, на почетокот на месецов во Скопје, од непознато лице за сума од 1.100 евра купил пиштол со калибар од 9мм, со избришани податоци за модел и сериски број.
Потоа со тој пиштол, на 8 мај во вечерните часови, во кафе-бар во Штип, со умисла и од безобѕирна одмазда лишил од живот едно лице, исто така турски државјанин со престој во Штип. Според ОЈО Штип, првоосомничениот преку мобилни апликации се договорил со жртвата да се сретнат за наводно да ги надминат долготрајните недоразбирања меѓу нив. Но, по 15-минутен разговор во угостителскиот објект, осомничениот влегол во тоалетот и веднаш излегол, па на вратата која го дели отворениот од затворениот дел од кафулето го извадил пиштолот и испукал неколку куршуми во правец на оштетениот, нанесувајќи му повеќе огнострелни повреди од кои подоцна починал.
Истата вечер, останатите четворица осомничени – тројца мажи и една жена, сите на возраст од 22 до 28 години, му помогнале на сторителот по извршеното кривично дело за кое му се заканува казна од доживотен затвор. По стореното тело, на неутврдена локација во Штип го качиле во автомобил БМВ со кој управувала осомничената девојка и сите заедно се упатиле кон Скопје, за потоа кај наплатната станица Миладиновци на автопатот Штип-Скопје да бидат пресретнати и запрени од полициска патрола, по што се дале во бегство, но биле уапсени. Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот суд во Штип достави предлог за определување мерка притвор за осомничените.